Дваесет и еден повредени во сообраќајна незгода
На автопатот Куманово – граничен премин Табановце, пред клучката за Крива Паланка, се случила сообраќајна незгода помеѓу автобус „крафтер“, управуван од триесет и деветгодишниот Н.А. од Куманово, и патничко возило од марката БМВ, со бугарски регистарски таблички, управувано од Н.М. (28) од Куманово. Во несреќата двајцата возачи и деветнаесеттемина патници од автобусот добиле телесни повреди, по што сите биле однесени во општата болница во Куманово, каде што им била укажана лекарска помош. На местото на несреќата бил извршен увид од страна на увидна екипа од СВР-Куманово.
Велосипедист удрил во пешак
На улицата Ката Поцкова во Струмица, велосипедист удрил во шеесет и осумгодишната Ц.Т. од Струмица. По незгодата, велосипедистот го напуштил местото на несреќата. Ц.Т. добила тешки телесни повреди, по што била пренесена во Медицинскиот центар во Струмица, каде што ѝ била укажана лекарска помош. На местото на несреќата бил извршен увид од СВР-Струмица.
Нерегуларности при пасошки контроли
На граничниот премин Меѓународен аеродром Скопје, на излез од државава, при пасошка контрола, деветнаесетгодишниот Ј.К. од Словенија приложил словенечка патна исправа. Притоа било констатирано дека тој нема остварено влез во државата со таа патна исправа. По извршен разговор со лицето, тој изјавил дека влез остварил со албанска лична карта на име Ф.Т. (19) и го потврдил идентитетот. Полициски службеници го привеле лицето за понатамошна постапка.
На граничниот премин Табановце, пак, при излез од државава, поради нерегулиран престој бил приведен А.Б. (68) од Република Србија. Тој им бил предаден на полициски службеници од СВР-Куманово за понатамошна постапка.
Несовесни возачи во Скопје
Од секторот за внатрешни работи Скопје биле реализирани неколку активности и мерки кон несовесни возачи. Едно лице управувало со возило во алкохолизирана состојба; тројца управувале со возила без да се стекнат со право на управување со моторно возило, а едно возило било нерегистрирано. Санкционирани се девет пешаци, а 59 возила се подигнати од пајак-службата.