Во акција спроведена во овие земји, Интерпол забележа зголемен тренд на нелегална трговија со медицински производи. Фармацевтскиот криминал претставува огромна опасност за јавното здравје, а фалсификуваните медицински средства претставуваат сериозна закана за животот на најранливите категории граѓани

КОВИД-19 ГИ ДРЖИ ОТВОРЕНИ ВРАТИТЕ ЗА КРИМИНАЛЦИТЕ

Пандемијата што го покоси светот и која сѐ уште е активна и го задава својот втор удар, отвори можност за нелегална заработка, особено кога станува збор за нелегална продажба на медицински средства што се многу потребни во овие новосоздадени услови. Сегашната ситуација сѐ уште отвора можности за брза и лесна заработка на криминалците и криминалните групи. Тие го користат недостигот на пазарот од хигиенски средства, средства за дезинфекција, маски и ракавици, но и други медицински средства за да профитираат. Фармацевтскиот криминал претставува огромна опасност за јавното здравје, а фалсификуваните медицински средства претставуваат сериозна закана за животот на најранливите категории граѓани.

Па, откако криминалците удрија по најстарите лица во европските земји, кои се и најранливата група загрозена од коронавирусот, крадеа, па препродаваа заштитни маски по енормно високи цени, заработувајќи на маката на граѓаните, сега таквите групи својот бизнис го проширија на Средниот Исток и во Северна Африка. Со подавањето не само медицински средства што коронавирусот ги направи потребни туку и многу други фалсификувани лекови, за кои потребата е огромна на пазарот, воспоставија свој профитабилен нелегален бизнис.
Во акција што ја спроведе во овие земји, Интерпол забележа зголемен тренд на нелегална трговија со медицински производи. Полициските службеници на Интерпол и државите жртви на ваков криминал запленија на пазарот околу дваесет милиони медицински производи во регионална операција.

Акцијата, која всушност била коинциденција со пандемијата предизвикана од коронавирусот, траела три месеци, а надлежните, со нејзината реализација, од пазарот успешно отстраниле 61 илјада респираторни маски и еден вештачки респиратор во Мароко; повеќе од 63 илјади маски и 360 средства за дезинфекција во Јордан и 85 илјади медицински производи како ракавици, топломери и медицински очила во Катар.
Тоа е и мотивот на земјите учеснички да спроведуваат дополнителни инспекциски контроли за да ги фатат производите за лесна заработка. Властите на Ирак, Јордан, Кувајт, Либан, Либија, Мароко, Катар и Саудиска Арабија изминатиот период реализирале повеќе проверки и инспекциски контроли над аеродромите, граничните премини, слободните економски зони, поштите, складовите, аптеките и други продажни места, каде што успешно заплениле и отстраниле голем број нелегални медицински средства. Полицијата од пазарот отстранила анестетици, аналгетици, лекови против маларија, кортикостероиди, сексуални стимуланси и хормонски средства, а исто така запленила и конци за медицинско сошивање рани, игли и шприцеви, како и ленти за мерење шеќер во крвта.

– Интерпол напорно работи на сузбивање на фармацевтскиот криминал и на разбивање на сите активности на организираните криминални групи што се обидуваат да профитираат од тоа. Самиот факт дека е запленето големо количество нелегални медицински средства говори за тоа дека овој „бизнис“ претставува глобален проблем и огромен ризик за јавното здравје – истакна Паул Стаинфилнд, директор за организиран криминал во Интерпол.
Само властите од Ирак пријавиле два случаи во кои полицијата запленила 761 кутија во седум контејнери за транспорт, со проценета вредност од два милиони американски долари. Во другиот случај биле запленети 400 кутии со апчиња, со проценета вредност од девет милиони долари.
– Големината на овие заплени ја покажува потребата од вакви координирани акции, кои се можни само со соработка помеѓу државите и нивните служби – се вели во соопштението од властите од Ирак.

Во Кувајт, пак, 16 акции резултирале со заплена на десет милиони долари вредни апчиња „трамадол“, кои најчесто се користат за силни болки кај заболените од канцер, но се злоупотребуваат и од страна на наркозависниците.
Вакви акции од страна на Интерпол во соработка со другите држави се спроведуваат редовно, за да се отстранат фалсификуваните лекови што го загрозуваат јавното здравје. Операциите што се однесуваат на ваквиот тип криминал се наречени „Канун“. Првата операција од тој тип беше реализирана во 2018 година, но овој пат запленетите производи се многу поголеми. Пред две години биле запленети производи во вредност од 1,5 милион долари, за разлика од годинешните 20 милиони долари вредни медицински производи.

[email protected]