Единица за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава против А.М.(61) од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело бесправна градба.
Од МВР информираат дека пријавениот, во својство на инвеститор, на улицата Франклин Рузвелт, без да обезбеди одобрение за градење, почнал со изградба – доградба на локал и изградба на челична настрешница на државно земјиште, за што од страна на сопствениците на посебни делови на истата улица до општина Карпош било доставено известување за информирање на надлежните лица во општината, а до Државниот инспекторат била поднесена пријава за преземање законски дејствија во врска со споменатиот објект.
Од градежен инспектор од општина Карпош бил извршен инспекциски надзор, при што било констатирано дека пријавениот А.М. не поседувал потребна градежно-техничка документација, за што бил составен Записник од извршен вонреден инспекциски надзор и било донесено решение за отстранување на градбата. На 12.09.2019 градежен инспектор од општина Карпош, повторно извршил вонреден инспекциски надзор на градежниот објект, при што било констатирано дека пријавениот продолжил со работа, по што градилиштето било затворено, согласно Законот за градење.