Фото: Игор Бансколиев

Писателот и експерт за мафијата Роберто Савиано предупредува дека во ерата на пандемијата, мафијата е на штрек, подготвено чека да ги фати во својата мрежа несреќниците што во овој период ќе бидат најтешко погодени. Мафијашките организации само го чекаат падот на италијанската економија за да ги приграбат работите во свои раце

ЕКОНОМСКАТА КРИЗА ПОГОДНА ЗА НЕЛЕГАЛНА ЗАРАБОТКА

Коронавирусот ја предизвика економската корона-криза. Светските економии се веќе на колена. Народот во многу градови е во беспарица, а на социјалните мрежи веќе можеа да се гледаат видеа како многумина сакајќи да обезбедат храна и други продукти крадат во маркетите, а неретко се служат со разни трикови за да излажат стари лица и да им земат некоја пара.
Италијанскиот писател и експерт за мафијата Роберто Савиано предупредува дека во ерата на пандемијата, мафијата е на штрек, подготвено чека во својата мрежа да ги фати несреќниците што во овој период ќе бидат најтешко погодени. Тоа ќе го направи на многу лесен начин. Ќе им понуди помош. Мафијашките организации само го чекаат падот на италијанската економија за да ги приграбат работите во свои раце.Сиромаштијата ќе го турне народот директно во рацете на мафијата.

– Мафијата само тоа го чека. Компаниите веќе остануваат без финансии, а мафијата ќе им прискокне во помош. Ќе станете партнер, ќе влезете во бизнисот – вели Савиано и објаснува дека тоа денес многу поелегантно се прави за разлика од минатото, кога во бизнисот мафијата влегуваше со оружје.
Сега, според него, тие имаат свои финансиски советници што ги претставуваат. Мафијата има голем удел во градежништвото, контролирањето на отпадот, земјоделството, хотелиерството, па ако Европа не интервенира брзо, мафијата ќе го искористи тоа, а ќе го искористи и падот во Германија, Франција,Шпанија, Белгија.
Услугите што ќе ги побара мафијата за финансиската инјекција ќе бидат потписи од должниците на сомнителни договори, за кои должниците ќе ги преземат последиците.
Криминалците имаат пари, не се занимаваат со бирократски процедури и знаат многу добро на која врата да тропнат. Брзи се, ефикасни и конкретни.

Тоа е трка, и ако стигнат до народот, тоа ќе биде криминална зараза. Работниците што останаа без работа, сезонските работници, оние што работат на црно, први се на ударот од кризата. Токму тие ќе бидат на нишан на мафијата. Потребата од пари, храна, облека, децата што неуморно си бараат задоволување на своите потребни, ќе ги турнат родителите во рацете на лихварите, кои срдечно ќе помогнат, но каматата што ќе ја наплатат ќе биде причина за големи проблеми во семејствата.
Откако почна корона-кризата, мафијата претрпе големи штети. Воведениот карантин ја турна и мафијата во финансиска криза.

Тешкотиите да работи се одразија и на нивната финансиска состојба. Водечката мафија за шверц на кокаин, Ндрангета, исто така претрпе голема финансиска штета. Поради тие причини, мафијашките организации работеа притаено, но всушност само чекаа да дојде нивното време, кое, еве, полека пристигнува.
– Постои стара сицилијанска поговорка што одговара на сегашната состојба, а таа вели „кучето се притајува додека не помине поплавата“ – изјавил Џузепе Говернале, челник на италијанската антимафијашка полиција.
Сепак, според Савиано, мафијашите може да искористат каква било кризна ситуација за да профитираат и да ги наполнат сопствените сефови со пари.

– Ако поради временски долгиот карантин, дојде до состојба на недостиг од храна, лекови или бензин, кој друг би го водел црниот пазар за тие производи ако не мафијата – напиша тој на почетокот на кризата.
Она што навистина го прават челниците на мафијата е истражување и чекање нови можности за инвестиција по поминувањето на кризата со коронавирусот, во периодот на заживувањето на општеството. Во тој период, најверојатно, ќе се инјектираат милијарди евра за да ѝ се помогне на економијата од очекуваната голема рецесија, а италијанските мафијаши докажано се успешни во собирање на јавните пари.

– Тоа ќе биде голема можност за нив, но ние сме свесни за тоа и ќе направиме сѐ за да го спречиме – истакна Говернале.
Според него, италијанската полиција има искуства во наоѓање и искоренување на мафијашките краци во јавните договори за проекти за обнова.
Никола Гратери, водечки истражувач против Ндрангета и главен обвинител, истакна дека рецесијата би можела да им се погоди на мафијашите, и тоа на други начини. Сопствениците на многу компании што западнаа во сериозни тешкотии поради целокупната состојба со коронавирусот веројатно ќе се обратат до мафијашките лихвари, што вообичаено завршува со нивна неможност да ги вратат парите, па да изгубат сѐ и целокупниот нивен бизнис да заврши во рацете на мафијашите.

– Тоа е сериозна закана за целокупното општество. Ако Владата не им понуди помош на компаниите, и тоа сега, веднаш, а не за година-две, луѓето ќе банкротираат или ќе се обратат кај лихварите, што е погубно – предупредува тој.
Во Италија уште на почетокот на заразата се појавија разни информации дека криминалците веќе почнале да се занимаваат со продажба на заштитни маски, средства за дезинфекција и друга антивирусна опрема, која е во огромен недостиг. Неодамна и Интерпол спроведе акција, во која многумина беа уапсени поради продажба на непроверени медицински средства.