Фото: Маја Јаневска-Илиева

Како главна причина за оваа појава, експертите го сметаат бавниот процес на посвојување, кој трае и до пет години, па токму затоа голем број брачни двојки се одлучуваат на овој начин да стекнат потомство.
Во 2018 година беше донесен нов закон, со кој е намалено времето на чекање за посвојување, но, сепак, оние брачни двојки што се соочуваат со проблеми и не можат да посвојат деца, сѐ уште се одлучуваат за овој чекор

НОВОРОДЕНЧИЊА ПРЕДМЕТ НА ЦРНИОТ БИЗНИС

Трговијата со деца не е никаква новина во опскурниот криминален свет. За да обезбедат големи финансиски средства, криминалците работат со продажба и трговија на деца, а од тоа не се поштедени ниту бебињата за кои најчесто има побарувачка во оние семејства каде што родителите не можат на природен начин да стекнат потомство и не сакаат да се вклучат во процесот на посвојување деца, кој вообичаено трае подолго време.

СЕМЕЈСТВО ОД БУГАРИЈА ФАТЕНО ВО БИЗНИС СО БЕБИЊА

Неодамна јавноста беше разбранувана од информацијата дека во Германија била уапсена брачна двојка од Бугарија, која веќе некое време се занимавала со шверц на новороденчиња во Грција. Бугарската полиција извести дека брачната двојка ќе биде екстрадирана во земјата заради понатамошна постапка.
Како што соопштија бугарските медиуми, за оваа двојка уште во февруари била издадена европска потерница заради сомневање за учество во организирана криминална група што шверцувала новороденчиња на грчка територија.
Нивниот син веќе е во притвор во Бугарија, а нему и на неговите родители им се заканува затворска казна од десет до 15 години.
Тие во нелегалниот бизнис со бебиња влегле уште во 2015 година. Бебиња обезбедувале така што наговарале бремени жени од сиромашни региони од Бугарија да ги продадат своите сѐ уште неродени деца за износ од 2.500 до 3.500 евра. Откако ќе се договореле, тие ги сместувале бремените жени во станови во Атина, каде што чекале да започне процесот на породување.
Неколку дена откако ќе се породеле, бебињата им биле продавани на локални криминалци што се занимавале со шверц со деца, а кои најверојатно припаѓаат на меѓународна мрежа што се занимава со трговија со новороденчиња.
Засега е утврден идентитетот на десет жени за кои е утврдено дека се од сиромашно потекло. Нивните деца биле родени и продадени во Грција.
Трговијата со новороденчиња не е новитет во Бугарија. Најпрво беше распространета во ромските маала околу Бургас на истокот од земјата. Трговијата со бебиња во последно време се шири и во другите делови на земјата, а најчестата дестинација е Грција.
Како главна причина за оваа појава, експертите го сметаат бавниот процес на посвојување, кој трае и до пет години, па токму затоа голем број брачни двојки се одлучуваат на овој начин да стекнат потомство.
Во 2018 година беше донесен нов закон, со кој е намалено времето на чекање за посвојување, но сепак, оние брачни двојки што се соочуваат со проблеми и не можат да посвојат деца, сѐ уште се одлучуваат за овој чекор.

КАКО ФУНКЦИОНИРА СИСТЕМОТ ВО ГРЦИЈА

Уште во 2013 година, светската јавност беше запознаена со овој начин на продажба на бебиња во Грција.
Најчесто родилките на бебињата биле припаднички на ромската националност, кои придружувани од претставник на криминалната група заминувале во една од државните болници во Солун за да се породат. Најчесто се претставуваат како роднини, а по породувањето на жените им плаќаат три илјади евра, го земаат бебето и им го продаваат на брачни двојки од Грција.
Родителите што немаат деца, плаќаат и до 30 илјади евра за да добијат потомство.
Оние деца што не се продаваат, најчесто завршуваат на улиците просејќи, крадејќи или работејќи нелегални работи.

ПРОДАЖБА НА БЕБИЊА И ВО ИРАН

Минатата година иранската полиција соопшти дека уапсила три лица во Техеран поради обид да продадат новороденчиња преку социјалната мрежа Инстаграм.
Бебињата, од кои едното на возраст од 20 дена, а другото на возраст од два месеца, биле пронајдени кај уапсените, кои изјавиле дека ги зеле бебињата од сиромашни семејства за мал паричен надомест.
Откако биле пронајдени бебињата, биле сместени во државни центри за згрижување.
Секаде причините за продажбата на бебиња се исти. Беспарицата е најчестата причина поради која мајките се одлучуваат да ги продадат бебињата за суми до три илјади евра, додека за криминалните групи, кои на големо се занимаваат со овој профитабилен бизнис, заработката е огромна.
Сѐ додека во светот постојат пречки за посвојување деца и сѐ додека постојат брачни двојки што се решени да платат огромни суми пари за да добијат потомство, овој бизнис ќе цвета насекаде низ светот, а најчесто во сиромашните земји како што е Балканот.

[email protected]