Во Кривичниот суд утрово беше одложено судењето за убиениот Пино Секондо, поради тоа што адвокатот на обвинетата Ангела Ѓорѓиевска побара време за увид во доказите, за што, како што рече, наместо осум дена од приемот на поканата, поминале четири дена.
Обвинителката Лидија Раичевиќ рече дека не може одбраната да се подготвува четири дена пред воведните говори.
– Секое одлагање на секое судење е штета и трошоци на буџетот и содзава лош впечаток кој не оди во корист никому, а најмалку на обвинетата – рече Раичевиќ.
Откако судијката Ленка Давиткова го одложи судењето, мајката на Пино, Маја Трпковска, заедно со свештено лице, демонстративно ја напушти судницата. Следното рочиште е закажано на 27 ноември.
Убиството се случило на 11 декември 2018 година. Кобната вечер обвинетата Ангела го намамила Пино да дојде кај насипот во населбата Ѓорче Петров.
Кога пристигнал, таму бил веќе дојден осомничениот за убиството, Али Фуркан, кој носел пушка. Фуркан го оставил возилото „опел аскона“ и со „шкодата“ на Пино се упатиле преку обиколница до Арачиново.
Таму застанале во нива и првин се карале по што започнала тепачка, а во еден момент Фуркан со пушката го застрелал Пино во главата.
Мајката на Пино Секондо, Маја Трпковска, со месеци трагаше по синот, а скелетот беше случајно пронајден на крајот на април годинава. Осомничениот Фуркан е во бегство.