Во Кривичниот суд попладнево за случувањата од 27 април лани во македонското Собрание сведочи поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Владимир Атанасовски, кој е спроведен од притвор.
Сведочењето на Атанасовски следи откако судот ги прифати предложените сведоци од одбраната на обвинетиот Александар Василевски – Нинџа.
Атанасовски рече дека со Нинџа се познаваоколу две ипол години, односно недела до две пред да стане директор на УБК. Во однос на тоа дали Нинџа бил вработен во службата, Атанасовски се повика на тајност.
На прашање од обвинетиот Никола Митревски-Кољо дали на 27 април контактирале, Атанасовски рече дека не може да се сети.
Одговарајќи на прашање од Судот, Атанасовски кажа дека на 27 април лани бил на работа до 18:30 часот, по што отишол на кафе во центарот на градот, па на ракомет и не може точно да се сети во кое време каде бил. Судијката Кацарска, по ова го праша како може да бил директор на УБК, а да не знае каде бил на 27 април 2017 година, кога се случи тоа што се случи, по што Атанасовски рече, тоа би требало повеќе да знаат лицата од неговото обезбедување.
За случувањата на 27 април дознал кога веќе топлата влегла во Собранието.
– МВР формираше кризен штаб за протестите „За заедничка Македонија“ и УБК постапуваше согласно изработената оперативна акција и за тоа има телеграми, рече Атанасовски.
Веле Петрушевски сведочеше во Кривичен
Сведокот Веле Петрушевски, предложен од одбраната на обвинетиот Александар Василевски – Нинџа, денеска пред судот рече дека на 27 април минатата година ручал во гостилницата „Дион“ заедно со обвинетиот и потоа го однел во штабот на ВМРО-ДПМНЕ.
– На 27 април бев со ќерка ми во ТЦ „Сити мол“. Му се јавив на Александар Василевски-Нинџа, кој ми е кум, да се видиме да чести ручек. Ми рече може да дојдеш во „Дион“. Се најдовме и потоа ме замоли да го однесам со автомобил до штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Го однесов таму. Тој мислам дека влезе на трети кат, а јас останав долу во бифето за да го почекам. Не знам колку беше часот, но на телевизорите видов дека се случува упад во Собранието. Потоа ми се јави дека се симнува да си одиме. Кога се симна го видов и поранешниот директор на УБК, со капче мислам. Нинџа ми рече да отидеме пеш преку Тиумфалната капија да видиме што се случува. Кај „Жена парк“ дојде Никола Бошковски со сив „голф 5“ и нешто се тргнаа. Јас почекав 15 минути и си заминав по автомобилот и тргнав дома. Не знам колку беше часот – рече сведокот.
На прашање од обвинетиот Нинџа, да посочи некој од судницата што на 27 април минатата година бил во „Дион“, сведокот рече Кољо, Митре и други на кои не може да се сети сега.
На прашање од Судот колку добро се познавал обвинетиот Нинџа со Владимир Атанасовски, одговори дека добро се познаваат и контактираат и додаде оти тој не присуствувал на некоја нивна средба.
Прашан дали Нинџа му кажал нешто за 27 април, сведокот Петрушевски рече „не, ништо никогаш зошто јас сум малку спротивно од тоа“.
Судскиот процес го води судијката Добрила Кацарска, а застапници на обвинението се Вилма Русковска и Ивана Трајчевска. Во судницата се присутни сите обвинети, меѓу кои има пратеници, уметници, луѓе од собраниското обезбедување, вработени во МВР и граѓани.
Нинџа телефонски комуницирал со брат му на 27 април
Братот на обвинетиот Александар Василевски-Нинџа, Благоја Василевски, денеска во својот исказ пред судот потврди дека на 27 април минатата година телефонски разговарале за здравјето на нивната мајка.
– На 27 април минатата година бев во Виена, на службено патување. Имав краток семеен разговор со Нинџа, за здравјето на мојата мајка – рече сведокот.
Прашањето од обвинетиот Александар Василевски-Нинџа, дали од него на 27 април примил смс-порака, не беше дозволено по приговор од обвинителството дека е наведувачко.
Сведокот Владимир Атанасовски, потоа на прашање од обвинетиот Игор Југ, одговори дека на 27 април 2017 година примил смс-порака од неговиот брат Александар Василевски-Нинџа.