Статистиката на Министерството за внатрешни работи вели дека наши сограѓани (дури 53 сторители) само оваа година, за периодот од јануари до април, реализирале 57 кривични дела против животната средина и природата. Според статистиката, нашите граѓани најмногу узурпираат недвижности, за што кривично се гонети 29 сторители за 24 кривични дела. Веднаш по ова кривично дело е пустошењето на шумите, за што се гонети шестмина, за направени десет кривични дела од оваа област. Четири лица се гонети за мачење животни, за реализирани десет кривични дела. Незаконски ловеле осум лица, а незаконски риболов реализирало едно лице. Со отпад ги загрозувале животната средина и природата три лица, кои реализирале три кривични дела од оваа област
ЗА ЧЕТИРИ МЕСЕЦИ 57 КРИВИЧНИ ДЕЛА ПРОТИВ ЖИВОТНАТА СРЕДИНА
Предизвикот да се живее во чиста и безбедна животна средина е огромен за сите надлежни институции во светот. Битката со несовесните, но и криминални групи што со умисла загадуваат и ја оштетуваат животната средина е огромна, но, сепак, некако како да е неуспешна. Бројот на кривичните дела направени против животната средина е голем и доста чест, не само во земјава туку и во светот. Пустошењето на шумите како резултат на илегалната сеча на дрвјата, испуштањето штетни и отровни супстанции во реките и другите водни површини, фрлањето отпадоци во морињата и океаните, се огромен проблем за сите надлежни институции, кои битката ја водат на неколку полиња, на терен и преку институционалните механизми.
КРИМИНАЛНО ЗАГАДУВАЊЕ
Криминалот што многумина го прават против здравата и чиста животна средина е доста голем и сериозен проблем и во Македонија. Социјалните мрежи постојано се преполни со фотографии од граѓаните, кои минувајќи на одредени локации фатиле извесно криминално дело.
Од она што практиката на социјалните мрежи го покажува, најчести се загадувањата на животната средина со палење и фрлање ѓубре и градежен шут на зелени површини што не се наменети за тоа.
Сепак, статистиката на Министерството за внатрешни работи вели дека нашите сограѓани (дури 53 сторители) само оваа година, за периодот од јануари до април, реализирале 57 кривични дела против животната средина и природата.
Според статистиката, граѓаните на нашата држава, сторители на споменатите кривични дела, најмногу узурпираат недвижности, за што кривично се гонети 29 сторители за 24 кривични дела. Веднаш по ова кривично дело е пустошењето на шумите, за што се гонети шестмина, за направени десет кривични дела од оваа област.
Четири лица се гонети за мачење животни, за реализирани десет кривични дела. Незаконски ловеле осум лица, а незаконски риболов реализирало едно лице. Со отпад ги загрозувале животната средина и природата три лица, кои реализирале три кривични дела од оваа област.
Минатата година, пак, кривично се гонети 134 лица за 127 кривични дела против животната средина. И лани кривично најмногу се гонети за узурпирање недвижности, дури 42 лица. Дваесет и пет лица пустошеле шума, едно предизвикало шумски пожар. Незаконски ловеле 21 лице, а рибареле 21 лице. Седуммина се гонети за загрозување на животната средина и природата со отпад. Шеснаесет лица се кривично гонети за мачење животни.
Последен случај во земјава, во кој беше поднесена кривична пријава за загадување на животната средина беше во април годинава, кога Основното јавно обвинителство во Гостивар поднесе обвинителен предлог против едно 52-годишно лице за кривичното дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“ од членот 230 став 1 од Кривичниот законик.
– На 19.7.2020 година во селото Балиндол, обвинетиот на трактор со приколка натоварил поголемо количество земја, иверици и отпад, како и еден стар кревет, па ги истурил во близината на коритото на реката Вардар, со што можел да предизвика загадување на почвата и водата. Во тој момент бил забележан од полициски службеници во Гостивар, кои направиле записник и го обезбедиле местото – наведено е во соопштението од Обвинителството.
И ИНТЕРПОЛ ВО БОРБА СО ЗАГАДУВАЧИТЕ
И Интерпол мака мачи со загадувачите на животната средина. Последниот случај во борбата со загадувачите, во кој Интерпол со операција се обиде да го спречи криминалот, беше реализиран во март годинава. Со акцијата насловена „30 дена на море“, дури 300 полициски институции од 67 земји реализираа 34 илјади инспекции на море и на други водни површини, за да детектираат загадувања на водните површини. Регистрирани се 500 случаи на загадување, меѓу кои испуштање нафта, испуштање сулфур, илјада прекршоци за загадување на крајбрежјата и реките, испуштање отпадни води, жива, пластика и други загадувачи што доведуваат до сериозна контаминација на водата. Полициите детектирале и 130 случаи на нелегална трговија со отпад на пристаништата.
– Криминалот со загадувањето е константен, загрозувајќи го воздухот што го дишеме и водата што ја пиеме. Ова е трета акција од овој тип, со двојно повеќе инспекции, со што се испраќа порака дека меѓународната заедница нема да толерира криминално напаѓање на нашата животна средина – истакна Јирген Сток, генерален секретар на Интерпол.