Фото: Принтскрин

Романскиот авион Ц27Ј „Спартан“ делуваше два пати на пожарот во Малешевијата, останува да направи уште еден налет, а потоа ќе продолжат армиските хеликоптери, истакна попладнево директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

– За рационализација на времето, за намалување на потребното време на гаснење од страна на хеликоптерите, на само неколку километри од пожарот однесовме цистерна со керозин каде што хеликоптерите полнат гориво и нема потреба да летаат до Скопје, со што значително го скративме времето и воедно на истото место, односно во близина, полнат вода од базен за да не се губи време да се оди до вештачките акумулации коишто се малку подалеку – рече Ангелов на денешната прес-конференција.

Тој нагласи дека ова е прво искуство на македонските служби со авион Ц27Ј „Спартан“ кој носи шест тона вода и затоа, како што кажа, рано е да се споделуваат импресии.

Помошникот раководител на ЦУК, Марија Милкова, истакна дека авионот има голем досег и затоа се делува само од воздух.

На попладневната прес-конференција, од ЦУК соопштија дека активни се седум пожари и дека екипите се спрвуваат со нив на терен. Тоа се пожарите во Пехчевско-беровскиот регион, Делчевскиот регион, пожарот кај селото Разловци, кај велешкото селото Џудимиринци, во Кавадарци кај Манстирец, во Петровец во село Градманци и во Старо Нагоричане, Жељувино.

Од утринава до 16 часот екипите успеале да изгаснат дел од пожарите, но на неколку места низ Македонија повторно дошло до акивирање на стихијата.