Нема потреба од прогласување на кризна состојба, кажа в.д. директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција по одржаната седница на групата за процена. Тој нагласи дека ЦУК ќе биде посветен првенствено на заштита на граѓаните.
– Групата на процена одржа седница. По опсежна расправа, по разгледување на актуелната состојба, едногласно одлучивме дека нема потреба од прогласување на кризна состојба. Претседателот на Македонија Стево Пендаровски во текот на вчерашниот ден даде наредба на употреба на армијата, така што ние и овој момент можеме да ги користиме сите расположливи ресурси на армијата. Каналите за меѓународна помош се отворени и функционираат – кажа директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, додавајќи дека надлежните ќе заседаваат и ќе прогласат вонредна состојба на дел од територијата ако дојде до влошување на состојбата.
Во моментов државата е во пламен и не можам да размислувам за споредни работи, но нека залади, нека се изгаснат сите пожари, па ќе се направи анализа и ако се утврди дека сум потфрлил сам ќе си поднесам оставка, порача Ангелов. Но, како што рече, ако се утврди спротивното, очекува извинуање од тие што го обвинуваат дека не сторил ништо за да ги спречи пожарите во државата.
– Ако се утврди дека сум потфрлил за пожарите, ќе си заминам од државава. Ако се утврди спротивното, ќе побарам извинување од сите новинари кои ме нападнаа и мојата мајка мораше да ги слуша сите тие работи. Земете истражете, не пишувајте шпекулации – рече Ангелов.
Тој нагласи дека се гордее со тоа што вчера во пожарите нема ниту загинати ниту повредени, а дека материјалното се надоместува.
Ангелов посочи дека на ЦУК исклучително му е значајна комуникацијата со граѓаните бидејќи сите информации кои ги споделува се од посебна важност за Центарот и за самите граѓани.