Од 26 јуни до денес имавме вкупно 106 шумски пожари, од кои најлошиот ги зафати Берово, Пехчево и Делчево, кажа директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција, додавајќи дека активно се подготувува план за реформи, чија цел е поставување на единствен систем за управување со кризи.
– Активно подготвуваме план за реформи и ќе формираме широко тело кое ќе се зафати со нив. Се надевам дека во следните неколку месеци ќе успееме да ги поставиме основите на единствен систем со управување со кризи – информира Ангелов.
Тој се осврна и на штетите причинети од пожарите.
– Изгорени се објекти. Од страна на општините формирани се комисии кои ќе ја утврдат штетата и граѓаните ќе бидат праведно обештетени. Штетите се навистина мали имајќи го предвид обемот на пожарите. Благодарение на активната кампања на ЦУК и со огромна поддршка на медиумите свесноста на граѓаните е на значително повисоко ниво. Со овие активности беше подигната забрана за движење во шуми која помогна. Ја разгледуваме и ќе побараме да биде тргната или ублажена доколку состојбата биде стабилна. Голема поддршка даде и МВР – посочи Ангелов.
Тој истакна дека ЦУК и Главниот штаб искажуваат голема благодарност до сите граѓани кои ги послушаа нивните апели, како и до оние кои учествуваат во активно гаснење на пожарите. Директорот на ЦУК искажа благодарност и до пилотите на армиските хеликоптери кои, како што кажа, го носат товарот на оваа криза и до сите пожарникари кои покажаа голема пожртвуваност. Тој им се заблагодари и на сите вработени во ЦУК, на Национални шуми, на АРМ и на сите остантати институции.
Моментно активни се пожарите на потегот од село Буковиќ кон Чајлане, каде што попладне е планирана и употреба на хеликоптер, како и на потегот Ракле – Никодин – Топлица, на недостапен терен.
Поддршка на ЦУК даваат тројца инструктори од САД, додека француските експерти се вратија дома каде што исто така избија пожари.