Претставници на сите институции учествуваат во работата на Главниот штаб при Центарот за управување со кризи. Тие во реално време црпат информации од терен за да можеме да носиме одлуки и да вршиме координација. Претставник на ВИНГ директно комуницира со армиските хеликоптери кои активно учествуваат во гаснење на пожарите. Припадниците на АРМ помагаат во координација на силите на терен кои учествуваат во гаснење на пожарите, кажа директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција одржана во Главниот штаб при ЦУК.
– Во овој штаб се слеваат информации од терен во реално време. Тоа ни овозможува носење на правилни, брзи и квалитетни одлуки. Апелираме до граѓаните да нѐ остават да ја вршиме нашата работа бидејќи луѓето во Главниот штаб ги имаат вистинските информации – нагласи Ангелов.
Тој уште еднаш ја повика опозициската ВМРО-ДПМНЕ да испрати претставник кој ќе има увид во работата на Главниот штаб при ЦУК.
– Од ЦУК има повеќе припадници на Главниот штаб кој одлучува со мнозинство на присутните членови, а дозволено е и присуството на набљудувачи кои не учествуваат во носењето на одлуките. И сега упативме покани до невладините организации за да може јавноста да увиди на кој начин работиме и да даде сугестии. Затоа упатив покана и до ВМРО-ДПМНЕ да испрати претставник на партијата кој ќе учествува на седниците. Главниот штаб со прогласување на кризна состојба заседава од 8 до 20 часот. Доколку се процени, тој останува тука и до полноќ или подоцна. Затоа очекувам ВМРО-ДПМНЕ да испрати нивен претставник бидејќи имаат многу забелешки и критики – истакна Ангелов.
На прес-конференцијата детално беше претставена Следната генерација на системот за командување (НИКС) која пружа увид во состојбата на пожарите, односно колку луѓе и опрема се ангажирани во нивното гаснење. Овој систем е дел од НАТО-програмата наука за мир и безбедност, а Македонија во проект учествуваме заедно со колегите од Црна Гора, Хрватска, БиХ, како и од САД.