Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според статистичките податоци на Европската комисија, секоја година во ЕУ најмалку десет илјади лица фатално го завршуваат својот живот како последица на консумирањето алкохол. Статистиката на ниво на Европа покажува дека младите лица на возраст од 18 до 24 години имаат поголем ризик да бидат дел од ваквиот развој на настаните, а дури 25 проценти од нив се корисници на алкохол

Истражување и статистика за влијанието на алкохолот во сообраќајот

Многумина го сметаат алкохолот како можност што ќе им овозможи полесно да се адаптираат на одредена општествена или социјална ситуација, некои го консумираат затоа што мислат дека ќе си поминат подобро на забава, додека, пак, други го консумираат поради надеж дека со консумирањето алкохол ќе успеат да си ги решат своите проблеми. Алкохолот има седативно дејство, а освен тоа, влијае на моториката, на начинот на одење, размислување, ги забавува рефлексите и ги забавува говорот и размислувањето. Некои од овие последици од консумирањето алкохол се видливи по само две испиени чашки жесток пијалок.
За жал, насекаде во светот, алкохолот е една од водечките причини за сообраќајни несреќи со смртни последици.

СЕКОЈА ЧЕТВРТА СООБРАЌАЈКА ВО ЕУ Е ПОРАДИ АЛКОХОЛ

Една од четири сообраќајни несреќи во Европската Унија или 25 проценти од незгодите се случуваат како последица на возењето во алкохолизирана состојба. Дури 96 проценти од луѓето инволвирани во ваквите несреќи се мажи од кои 33 проценти се млади на возраст помеѓу 15 и 34 години. Според статистичките податоци на Европската комисија, секоја година во ЕУ умираат најмалку десет илјади лица како последица на алкохолот.
Статистиката на ниво на Европа покажува дека младите лица на возраст од 18 до 24 години имаат поголем ризик да бидат дел од ваквите несреќи, а дури 25 проценти од нив се корисници на алкохол.
Според податоците во Италија, од 30 до 35 проценти од сообраќајките се како последица на возењето во алкохолизирана состојба. Според анализите, дури 13,8 проценти од возачите не донеле одлука да не пијат алкохол пред да влезат и да управуваат моторно возило. Помеѓу нив, дури 8,2 проценти воопшто не ни мислат дека алкохолот влијае на нивното однесување додека возат.
Според Светската здравствена организација, главните причини за сообраќајни несреќи на патиштата се преголемата брзина, некористењето на безбедносните уреди и возењето во алкохолизирана состојба.

ВО 2020 ГОДИНА ВО МАКЕДОНИЈА СЕ СЛУЧИЛЕ 248 СООБРАЌАЈКИ ПОРАДИ АЛКОХОЛ

Состојбата не е ништо подобра ниту во земјава. Откако Министерството за внатрешни работи започна со зголемени интензивни проверки на возачите заради зголемување на безбедноста на сообраќајот во Македонија, секојдневно во статистичките податоци може да се забележи барем еден санкциониран случај поради возење во алкохолизирана состојба.
Според податоците на МВР, само во ноември минатата година во земјава се санкционирани дури 469 возачи што возеле во алкохолизирана состојба.
Вџасувачка е и бројката на случени сообраќајни незгоди како резултат на возење во алкохолизирана состојба. Па, така, во 2020 година се случиле 248 сообраќајки како последица на користењето алкохол.
Според податоците објавени на интернет-страницата на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, алкохолот е ризик-фактор и за безбедноста на пешаците во сообраќајот.
– Една англиска студија покажува дека 48 отсто од пешаците што го загубиле животот во сообраќајни незгоди биле под дејство на алкохол. Во Република Македонија не постои прецизна статистика, но значаен дел од настраданите пешаци во сообраќајни незгоди биле под дејство на алкохол – наведено е на страната на РСБСП.
Според нивните податоци, ризикот за учество во сообраќајна незгода со фатални последици е за четири пати повисок кај возачите на мотоцикл и велосипед, во однос на другите возачи, покажуваат студии направени од релевантни организации.

[email protected]