Вистинска бркотница по скопските улици се случувала рано изутринава, кога двајца Алжирци со украдено возило бегале од полицијата, по што едниот скокнал во Вардар. Како што изнформира МВР, изутринава во 3.40 часот на булеварот „Јане Сандански“ во Скопје, возило „рено клио“, со велешки регистарски ознаки, не застанало на даден знак од полициски службеници и продолжило кон Железничката станица.
Веднаш биле упатени дополнителни служби за да се запре возилото, но тоа успеало да ги одбегне патролите и се упатило по булеварот „Гоце Делчев“ во правец кон крстосница со улица „Беласица“. Во близина на МТВ, возилото удрило во патничко моторно возило „дачија дастер“, сопственост на МВР, по што возилото продолжило во правец кон населбата Керамидница и по кратко време возачот изгубил контрола и удрил во бетонски жардињери и запрел.
Притоа, со повреди се здобил совозачот, а возачот излегол и скокнал во реката Вардар во обид да им избега на полициските службеници. За кратко време бил изваден од реката, по што и двете лица биле пренесени во Градската општа болница „8 Септември“ за укажување на лекарска помош и било утврдено дека биле од Алжир. Возилото кое го управувале, го одзеле во текот на ноќта од селото Градец, Валандовско. Се работи на расчистување на случајот, информира МВР.