Адвокатот на Миле Јанакиески, Еленко Миланов, за „Макфакс“ изјави дека здравствената состојба на ексминистерот за транспорт и врски кој веќе цела недела ја одбива храната од затворот, се влошува, а тоа, како што рече, можеше да се забележи и на денешното судење за „Траекторија“. Миланов вели дека здравствената состојба е еден од условите за промена на мерката притвор со поблага мерка, но сепак за тоа треба да одлучува Кривичниот совет.
– Здравствена состојба е еден од условите за промена на мерката притвор во поблага мерка, но сепак за тоа ќе треба да одлучи Кривичниот совет. Како одбрана ќе размислиме дали ќе доставиме таков предлог до судот. Во овој момент само тоа ни стои на располагање – вели Миланов.
Согласно законот, судијата на претходна постапка за последниот случај за кој се води истрага против Јанакиески, нелегално продавање на државно земјиште за што ја доби и мерката притвор, може но и не мора да одлучува за укинување на затворскиот притвор на ексминистерот.
Бранителите на Јанакиески побарале детално известување од претседателот на Кривичниот суд и од затворскиот лекар за тоа каква е здравствената состојба на Јанакиески, по што ќе биде известена јавноста.
– Она што неофицијално преку колегите имам сознание, а за што можевте и вие да се уверите во судницата, здравствената состојба веќе започнува да му се нарушува, а како тоа ќе тече понатаму ќе бидете известени од институциите откако ќе ни ги дадат информациите – вели Миланов.
Јанакиески вечра попладне се пожалил на влошување на здравствената состојба. Веднаш бил пренесен во Градската општа болница „8 септември“ каде му била дадена соодветна терапија по што е вратен во затворот во Шуто Оризари.