Адвокатот Звонко Давидовиќ кој го застапува поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, вели дека не се должни да докажуваат невиност во предметот „Плацови на Водно“, но како што кажа, ќе докажуваат дека тврдењата на Обвинителството се апсурдни, оти нема елементи на вина, како и правна и човечка логика.
– Треба да прашате врз што се темели обвинението. Перење на пари е последица на едно друго кривично дело кое мора да му претходи. Обвинителството ниту го утврдува ниту го предлага, зборувам за мојот клиент, Сашо Мијалков. Не може ниту да ги докаже неговата умисла и знаењето дека некој друг незаконито стекнал пари од партија, па му помогнал на тој начин што му предложил оф-шор компанија. Онака како што е напишано обвинението, не соодествува на законското битие перење на пари, а ако го оставиме и претходно постоењето на друго кривично дело кое мора да претходи – рече Давидовиќ.
Тој смета дека обвинението за Мијалков е исконструирано.
– Нема ни човечка логика во обвинението за мојот клиент. Еден министер за финансии, на премиер кој бил 10 години, навистина не му е потребен никој кој што ќе му обезбеди оф-шор компанија. Обвинителката само во воведниот говор си скока во уста па вика, веќе знаел и имал оф-шор компании каде го вложувал дел од капиталот. Така што обвинението е буквално исконструиран по однос на мојот клиент. Ако Обвинителството си дозволило да не ги обезбеди доказите на одбраната, да не ги даде и ескивира, ние принципиелно, кога веќе не сме ги слушнале сведоците, кога не сме имале можност да поставиме прашања, треба да ги добиеме доказите кои се по меѓународна правна помош. Никој не знае што има во тие докази. Коректно е според законот ние да бидеме известени – додаде Давидовиќ.