Адвокатите во предметот „ТНТ“ на СЈО, до Собранието и до Советот на јавни обвинители како и до судот доставиле барање за да биде изземена Катица Јанева како специјален јавен обвинител.
-Доставивме барање до Советот на јавни обвинители и до Собранието како надлежни институции за нејзино изземање, затоа што никој не е над законот – рече адвокатот на Миле Јанакиески, Еленко Миланов.
Тој рече дека ако Јавното обвинителство не е надлежно за ова прашање, има институции кои се надлежни.
Судијата Огнен Ставрев рече дека за тоа веќе донел одлука по дописот од републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески и дека прашањето е апсолвирано и нема да одлучува повторно.
Ставрев рече дека обвинителот Бурим Рустеми не е полномошник на Јанева, како што го нарекоа адвокатите, туку дека е јавен обвинител.
Денеска во судот сведочи Соња Маневска, вработена во Општина Гази Баба. Судењето беше одложено еден час, бидејќи немаше налог за спровод за обвинетиот Миле Јанакиески.
Обвинетите во предметот „ТНТ“, според СЈО, во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски.
Со постапката на уривање е предизвикана штета од 16 милиони евра, а доплнително на буџетот на општина Гази Баба уште три милиони денари.
Обвинети се Никола Груевски, Миле Јанакиески, Тони Трајковски, Елизабета Најдовска, Насер Алев, Марика Зафировска и Александра Димитриева.