Автобус со работници во Битола утрово излета од патот и се преврте. Во автобусот се превезувале работници од фабриката „Кромберг и Шуберт“ во индустриската зона Жабени, а возилото се превртело околу 6.30 часот во близина на фабриката.
Според СВР Битола, полесно повредени се петмина работници. Сите тие се амбулантски третирани и не се хоспитализирани.
– Сообраќајната незгода веднаш беше пријавена во СВР-Битола и наши полициски службеници извршија увид. Во автобусот се превезувале лица вработени во фабриката и се движеле кон Битола. Во сообраќајната незгода повредени се возачот и четири патници. Сите се вон животна опасност – изјави Сања Стаматова, портпаролка на СВР-Битола.
Од ЈЗУ Клиничка болница-Битола исто така соопштија дека пет повредени лица се амбулантски третирани. Тие се со полесни повреди и не се хоспитализирани.
Засега не се познати причините за несреќата и колку патници имало во автобусот. М.М.