За да нема шпекулации, потврдувам дека автобусот на „Беса транс“ кој се запали во Бугарија, е марка „мерцедес“, произведен во 2007 година. Границата ја минал повеќе од 130 пати во текот на годинава и минатата година, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
– Наша надлежност е да се врши контрола на патни исправи или лични карти, а за возилата сообраќајна дозвола и зелен картон. МВР не е надлежно за проверка на лиценци, туку тоа се Царинска управа и Државниот инспекторат.
Автобусот во 22 случаи излегол преку границата, а минатата година 113 пати. Очигледно се користени лиценци од други возила. Автобусот е регистриран е пред три години, а последен технички преглед е направен минатиот месец. Наодот на техничкиот преглед е дека нема неисправност и нема забелешки. Автобуост е произведен во 2007 година – рече Спасовски.
Против „Беса транс“ има вкупно осум кривични за непочитување на ковид-протоколи, рече тој.
Според министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, превозникот „Беса транс” поседувал две лиценци за работа: лиценца за слободен превоз на патници во меѓународниот сообраќај со број 00701 за која е донесено решение да му биде одземена поради злоупотреба и лиценца за линиски превоз на патници во внатрешниот сообраќај со број 8528 која е истечена во октомври 2021 година, односно е неважечка.
Овие лиценци, нагласи Бочварски, се однесуваат на правното лице „Беса транс БТБ” како фирма, а не на превозни средства.
– Во однос на поседување на изводите од лиценци за автобуси за слободен превоз на патници во меѓународниот сообраќај, превозникот „Беса Транс БТБ”, поседувал изводи од лиценци за четири автобуси – истакна Бочварски.
Согласно Законот за превоз во патниот сообраќај член 11 став 1, објасни министерот, превозникот може да почне да врши превоз на патници во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај откако ќе добие лиценца за фирмата и извод од лиценца за моторно возило.
Ниту еден од возачите кои го управувале автобусот на „Беса транс“ кој изгоре, не бил вработен во компанијата. Еден од двајцата возачи, немал ниту сертификат за професионална компетентност, додаде Бочварски.
– Едниот од возачите е невработен во компанијата, имал сертификат со важност до 11 месец 2023 година. Другиот возач не бил пријавен дека работи во ниту една фирма за да ја врши таа дејност. На вториот возач му бил истечен сертификатот 9 месец 2020 година – кажа Бочварски.
Бугарски новинари веќе информираа дека еден од шоферите, Кадрим Мемеди, имал 54 години и над 20 години искуство. Неговиот син кажа дека често патувал за Германија и Турција и ги знаел рутите.
Љупчо Зафиров е вториот шофер на автобусот. Тој исто така го загуби животот во сообраќајната несреќа.