Осудениот Бојан Јовановски останува во притвор, а Катица Јанева во куќен притвор, сè до правосилноста на пресудата, на која сега осудените имаат право на жалба. Вака одлучи судечкиот совет и судијката Васка Николовска-Масевска, по предлогот од адвокатите на осудените.
– Спрема Бојан Јованоски, се продолжува мерката притвор поради истите причини поради кои е одредена. Судот во Стразбур ја одбил привремената мерка што ја имал поднесено адвокатот на Бојан Јовановски во однос на мерката притвор, што укажува на тоа дека судот е во правилна насока. Во однос на предлогот за замена на мерката куќен притвор во мерка притвор за Катица Јанева, судот го одбива тој предлог и ја продолжува мерката куќен притвор поради истите причини – рече судијката Николовска-Масевска.
Претходно, судот донесе пресуда со која го осуди Јованоски на девет години затвор, а Јанева на седум години затвор.
Јовановски побара да му биде одредена поблага мерка со која ќе биде заменет неговиот притвор. Тој ѝ објасни на судијката дека нема да се даде во бегство. Обвинителката Вилма Русковска, пак, побара на Јанева да ѝ биде одреден притвор.