Бледите завршни зборови на јавната обвинителка биле цитати од филмови, а не цврсти докази, како што истакна обвинетиот Бојан Јовановски, познат како Боки 13, во завршниот збор за случајот „Рекет“, на денешното рочиште во Кривичен суд.
Адвокатот на Јовановски, Сашко Дуковски, пак, порача дека обвинителството не покажало докази за делото за кое се товари неговиот клиент.
Завршен збор утре треба да даде и поранешната шефица на СЈО, второбвинетата Катица Јанева, по што ќе следува рочиште за изрекување пресуда во случајот „Рекет“.
Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција во случајот „Рекет“ ги обвини Боки 13 и Катица Јанева дека со умисла го рекетирале бизнисменот Јордан Камчев за да му се укине мерката притвор во предметот „Империја“, во кој е обвинет.
Третообвинетиот Зоран Милески-Кичеец, пак, на првото рочиште за „Рекет“ призна вина за делото „примање награда за противзаконито влијание“, по што беше осуден на три години затвор. На Милески потоа му беше укинат и куќниот притвор. Судскиот процес за „Рекет“ почна на 3 декември минатата година.