ВМРО-ДПМНЕ не беше организатор на протестите, истакна поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во денешното сведочење за настаните од 27 април 2017 година, на рочиштето во Кривичниот суд во Скопје, додавајќи деека таа во тој период имала само партиска, но не и државна функција.
– ВМРО-ДПМНЕ никогаш не излезе со формален став за ова движење. Исто така не беше донесена одлука на Извршниот комитет, во кој бев член, за поддршка на протестите – кажа Јанкулоска.
Поранешната министерка посочи и дека Спиро Ристовски не бил член на ниту едно партиско тело, додека Миле Јанакиески немал никаква комуникација со општинските комитети поврзани со протестите. Таа објасни и дека 27 април го поминала во седиштето на партијата, по што околу 17 часот заминала дома и на телевизија видела што се случува во Собранието.
Во судскиот процес им се суди на Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски кои се обвинети за организирање на упадот во Собранието на 27 април 2017 година. На претходното рочиште на судењето беше презентиран вештиот наод и мислење од вешачењето на телефонот на сведокот Александар Василевски – Нинџа.