Фото: Макфакс

Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева треба да даде исказ на денешното рочиште за „Рекет“ закажано во Кривичниот суд во Скопје. Првообвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13 сведочеше на вчерашнотo рочиште.

По сведочењето на Јанева, предвидено е давање на завршните зборови од страна на обвинителката Вилма Русковска и од страна на двајцата обвинети и нивните адвокати, до изрекувањето на пресудата.

Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција во случајот „Рекет“ ги обвини Боки 13 и Катица Јанева дека со умисла го рекетирале бизнисменот Јордан Камчев за да му се укине мерката притвор во предметот „Империја“, во кој е обвинет.

Третообвинетиот Зоран Милески-Кичеец, пак, на првото рочиште за „Рекет“ призна вина за делото „примање награда за противзаконито влијание“, по што беше осуден на три години затвор. На Милески пред неколку недели му беше укинат и куќниот притвор. Судскиот процес за „Рекет“ почна на 3 декември минатата година.