Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева по денешната трета аудио снимка изнесена од „Ла Верита“ вели дека во интерес на предистрагите и истрагите кои се водат во СЈО повеќе пати комуницирала со разни лица за наводно издејствување подобро позиции во кривичните предмети. Јанева тврди дека нејзината комуникација со бизнисменот Камчев е со цел да стане соработник во истрага за нов предмет.
– Во врска со денешните снимени разговори презентирани на порталите, повторувам дека во интерес на предистрагите и истрагите кои се водат во Јавното обвинителство кое го водам, повеќе пати сум разговарала со разни лица, во обид да се издејствуваат подобри позиции во кривичните предмети, а тоа често се случуваше да се одвива преку од нив назначени посредници. Во конкретниот случај, во тој период, се водеа преговори од моја страна со лицето О.К. да стане соработник–сведок во една нова предистрага која ја водевме во Обвинителството, заедно со еден од моите помошници обвинители – вели Јанева.
Обвинителката ги повикува истражните органи што е можно побргу да ја завршат истрагата, да ги приберат сите докази и да ги завршат сите форензички вештачења поврзани со случајот „Рекет“, за целосно расчистување на овој случај и обелување на нејзиното име.