Македонецот од Мелбурн, Борче Ристевски, две и пол години категорично негираше дека е виновен за убиството на неговата сопруга Карен. Тој постојано тврдеше дека е невин додека траеше потрагата за Карен, како и откако беше пронајдено телото. Но потоа изненадно се премисли и одлучи да признае дека е виновен за убиство без предумисла, во пресрет на неговото судење. Австралиските медиуми се прашуваат зошто му беше потребно толку време за да признае, што поттикна и разни теории за убиството, пренесува новозеландски „Хералд сан“.
Член на семејството, што инсистирал да остане неименуван, наводно, им открил на медиумите оти Ристевски „го прикрил убиството поради неговата ќерка Сара, сакајќи да ја поштеди од тага и срам, во страв дека ќе ја изгуби нејзината љубов“.
Ќерката на Ристевски застана на страната на татка си, на сослушувањето во Мелбурн. Сара зборуваше како доаѓало до караниците помеѓу Борче и Карен, дури и поради излегувањето до продавница, посочувајќи дека „нејзиниот татко секогаш се обидувал да ја смири ситуацијата“.
– Поврзаноста помеѓу нив е очигледна и искрена. Таа му верува и нејзината поддршка никогаш не престана. Таа се бори во негова полза. Таа го презира начинот на кој медиумите и полицијата го третираа – напиша австралиски „Њуз“.
Сара беше покрај Борче на прес-конференцијата организирана набргу по исчезнувањето на Карен, таа ја издржа опсадата на нивниот дом во Мелбурн, од страна на медиумите, порачувајќи дека ги мрази. Судот имаше прилика да слушне од Сара, како прашањата на медиумите ја прогонуваат, на сослушувањето.
По признанието на Ристевски се огласија и членови на семејството на Карен, меѓу кои и нејзината тетка која посочи дека „доаѓа предоцна и е премалку“ и дека ја сторил поради „себични причини“.
Признавајќи го убиството, Ристевски избегна доживотна затворска казна. Максималната казна за убиство без умисла изнесува 20 години, но правните експерти сугерираат оти тој би можел да добие поблага казна.
Ристевски се соочи со обвинението за убиство на тогаш 47-годишната сопруга Карен, која последен пат била видена на 29 јуни 2016 година, на оддалеченост од околу 50 километри од националниот парк кај Маунт Маседон во северен Мелбурн, каде што нејзините останки биле пронајдени осум месеци подоцна, во февруари 2017 година. М.Ж.