Против водителката Лила Стојановска е поднесена кривична пријава од страна на Управата за финансиска полиција, поради наводно затајување на данок од 1,78 милиони денари.
Стојановска во својство на физичко лице во периодот од 21 јуни до 7 јули 2017 година, на личната банкарска сметка, во три наврати примила парични средства во вкупен износ од 16.095.600 денари, по основ на склучен договор за изготвување на „Проект за Интернационална асоцијација за заштита на човековите права“ со Друштвото „ИЗГРАДБА ИНЖЕНЕРИНГ ДАН-МАК“ Скопје и лицата Е.Н. и Д.Н., според пријавата.
– Расположливите парични средства како остварен приход Стојановска ги подигнала во целост и во готово за себе лично, при што, без да ги пријави во годишната даночна пријава за 2017 година до УЈП, не пресметала и не уплатила персонален данок на доход во висина од 1.788.398 денари, за кој го оштетила буџетот на Македонија – информира Финансиска полиција.
Управата за финансиска полиција постапила по овој случај откако до неа е доставена пријава од Друштвото „ИЗГРАДБА ИНЖЕНЕРИНГ ДАН-МАК“ и лицата Е.Н. и Д.Н..