Поранешната специјална јавна обвинителка, Фатиме Фетаи, пред почетокот на денешното рочиште за предметот „Насилство во Општина Центар“, рече дека исказот на ексразузнавачот Зоран Верушевски дека бомбите биле модифицирани и компромитирани нема да влијае врз постапките на СЈО.
– По мене не. Тоа не може да влијае на автентичноста на материјалите со кои располагаме, ниту на постапките. Станува збор за исказ кој не е довршен. Толкување и појаснување може да даде само Верушевски – рече Фетаи и појасни дека Верушевски ќе биде уште испрашуван и од странките во постапката и од судот.
На последното рочиште за предметот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина”, Верушевски, кој е советник за национална безбедност на премиерот Зоран Заев, даде исказ кој е спротивен на тврдењата на неговите ексколеги Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски. Верушевски во судот кажа дека бомбите од УБК директно се слевале во СДСМ, а не преку него и дека по неговото апсење прислушуваните материјали биле компромитирани и модифицирани.