Поради смена на поротник и поради истек на 90 дена, судењето за предметот „Тортура“ на СЈО почна од почеток.
Судијката Александра Ристеска рече дека поротникот што поднел оставка е заменет со друг, но и дека во судницата е присутен дополнителен поротник.
Првото рочиште за случајот се одржа на 28 февруари 2018 година.
Адвокатот на Сашо Мијалков, Љупчо Шврговски, на почетокот од судењето рече дека бара да прекине судењето поради тоа што СЈО е неовластен тужител.
-Не може јавен обвинител на РМ да воспоставува стварна надлежност врз предметите- рече Шврговски.
Судијката даде пауза за да одлучи судот.
Во „Тортура“ обвинети се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот прв човек на единицата „Алфи“, Ивица Анчевски Пуки и уште петмина припадници на единицата.
Специјалното јавно обвинителство ги гони за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, за начинот на лишување од слобода на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.