Телата на тројцата загинати Македонци од сообраќајката кај Лесковац денеска ќе бидат пренесени во Македонија, а 15-мина сѐ уште се наоѓаат на лекување во Ниш и Лесковац.
По завршената обдукција во Лесковац, тројцата починати од сообраќајната несреќа, 68-годишната К.К од Кочани, 68-годишниот маж В.Ш.од крушевското село Бучин и 63-годишната В.К од Кавадарци денеска ќе бидат транспортирани за Македонија.
Дванаесетте лесно повредени патници и двете деца, кои беа сместени во хотелот „Апостоловиќ“, во Лесковац, вчера организирано беа префрлени во Македонија. Од болницата во Лесковац пуштен е на домашно лекување уште еден од повредените Македонци, така што во оваа болница се наоѓаат седум полесно повредени патници.
Осуммината потешко повредени Македонци сѐ уште се наоѓаат во Клиничкиот центар во Ниш, од кои две патнички со тешки повреди на главата, на рбетниот столб и со фрактура на карлицата, се во сериозна здравствена состојба и приклучени се на апаратите за дишење. Сите останати се стабилизирани и не се животно загрозени.
Во болницата во Лесковац се наоѓа вториот возач на „автобусот на смртта“, кој е во стабилна здравствена состојба и има полесни повреди. Тој на дописникот на МИА изјави дека во моментот на сообраќајната несреќа во 01 часот и 45 минути спиел и не знае како дошло до трагичниот настан.
Возачот на автобусот се наоѓа во притвор.
Патниците кои патуваа од повеќе градови во Македонија за Виена со превозникот Еуро Бус од струшкото село Велешта, беа претежно наши печалбари, а во моментот на несреќата сите спиеле.
Според сведоштвото на преживеаните до несреќата дошло поради лошите временски услови, снегот, голомразицата и неприлагодената брзина на возачот на автобус од речиси 100 км. на час, а не се исклучува и можноста возачот да заспал зад воланот.
Автобусот ја изгубил контролата, излетал од автопатот, по што се превртел повеќе пати. Благодарејќи на навремената интервенција на осум возила на Итната медицинска помош од Ниш и Лесковац, на пожарникарите и случајни патници, кои под автобусот ги извлекувале повредените, спречено е да дојде до поголема трагедија.
Голема и несебична помош била дадена и од градоначалниците на Лесковац и Ниш, од медицинските установи од овие градови во спасување и згрижување на повредените.