Со слушање на преостанатите „бомби“ на Специјалното јавно обвинителство, на 7 ноември продолжува рочиштето за предметот „Титаник“ на СЈО.
Денеска во педесетината снимки што беа пуштени во судницата, како и на претходните „бомби“, најчесто се слушаше гласот на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски, и тоа како договара авиони од Швајцарија и Италија за луѓе кои биле договорени да гласаат за нив на локалните избори во 2013 година.
На снимките се слуша како Јанакиевски се консултира со соговорници дали луѓето од Мала Преспа кои треба да гласаат на повеќе избирачки места да гласат и во Ресен или таму да се донесат лица со двојни лични карти од Кавадарци за да не ги препознаат по нагласокот. Соговорникот му посочи дека Македонците од Албанија подобро и литературно говорат македонски отколку тие од Кавадарци.
Во една од „бомбите“ се слушна како поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска се консултира со некое лице и му кажува дека се дадени 2.000 евра на некој со прекар „снајпер“ и дека требало да бидат дадени парите кај, како што кажа, „шиптарите и кај Србите“.
Во „Титаник“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за за финансирање изборна кампања.