Во Кривичниот суд денешното рочиште за случувањата во Собранието на 27 април 2017 година заврши со приложување на доказните материјали од вештачењето во Собранието.
 
Случајот се наоѓа во доказна постапка и продолжува утре.
 
Во попладневниот дел од денешното рочиште беа прикажани куси видеа, а потоа и фотографии од штетите направени во просториите на Собранието по „крвавиот четврток”.
 
Дамки од крв на подот, како и на делови од мебелот, искршени врати, бироа, маси, фотелји, разрушени ѕидови, дамки од обувки по ѕидовите, искршени камери и сталаци, расфрлени чанти, пари и лични документи, како и чаура од куршум, можеа да се забележат на видеата и фотографиите, што беа опишани од страна на обвинителката Вилма Русаковска.
 
Претходно, беше гледана видео-снимка од мобилниот телефон, што е одземен од обвинетиот Оливер Попоски.