По долго време во Скопје сѐ позачестени станаа кражбите на велосипеди. Се крадат или кога се оставени на улица или во згради, од пред вратите на сопствениците. Граѓаните што пријавуваат кражби немаат многу доверба во полицијата дека ќе ги пронајде крадците. Oд полицијата тврдат дека, генерално, поради состојбите со ковид-19, сите облици на криминал, вклучувајќи ги и кривичните дела „тешка кражба“ и „кражба“, се во многу помал обем отколку истиот период минатата година

ДОБРО ЗАШТИТЕТЕ ГИ ВАШИТЕ АЛТЕРНАТИВНИ ПРЕВОЗНИ СРЕДСТВА

Летниот период и топлото време се дел од причините некои од граѓаните своите возила да ги заменат со велосипеди, со кои, освен што ќе го избегнат сообраќајниот метеж, побрзо ќе стигнат до саканата дестинација или, едноставно, ќе се рекреираат. За да одговорат на потребите на скопјани, градските власти интензивно работат на создавање сообраќајна инфраструктура за велосипедистите низ градските булевари. Бројот на лица што возат велосипед е зголемен изминатите години, па практиката покажа дека секаде е полесно и побрзо да се стигне токму со велосипед. И сопствениците на продавници за велосипеди и велосипедска опрема велат дека изминативе години е зголемен бројот на граѓани што купуваат велосипеди. Тој раст, секако, се должи и на субвенциите што ги дава градот за купување на овој вид сѐ попопуларно превозно средство.

Но сопствениците на велосипеди никако не можат да се спасат од крадците, кои се чини дека толку добро ја усовршиле тактиката на крадење што тоа им е рутина. На социјалните мрежи може да се забележат голем број поплаки и молби од сопствениците, кои бараат помош да си го вратат велосипедот.
– Вложив многу во мојот велосипед, бидејќи не го користам само за работа, туку со него се искачувам на планина, возам и подолги релации. Одлучив да се рекреирам со безбеден велосипед и поради тие причини купив скап, за да бидам заштитен додека возам. Сепак, кратко време беше во моја сопственост. Ми беше украден од влезот во мојата зграда, и покрај тоа што на вратата имаме систем со шифри, а и велосипедот беше заклучен – револтирано и изненадено вели жител на скопската населба Капиштец.
Тој истакнува дека безбедносните камери го снимиле крадецот, но, сепак, не доволно за да може тој да биде пронајден и идентификуван.

– Паметен крадец, знае точно како да се движи за да не го снимаат камерите и да не биде препознаен од страна на полицијата. На снимките може да се видат само неговиот грб и тил, ништо друго – додава тој.
Велосипеди се крадат низ сите населби, а граѓаните велат дека се крадат среде бел ден, кога фреквенцијата на луѓе низ улиците е зголемена.
– Крадат среде бел ден без никаков страв дека некој ќе излезе од становите и ќе го фати. Или станува збор за професионалец или за бестрашен крадец – вели Слаѓана, чиј велосипед бил украден.
Голем број велосипедисти велат дека не инвестираат во скап велосипед, бидејќи на тој начин како да ги повикуваат крадците да дојдат и да им го украдат. Исто така, многумина од оштетените не веруваат дека полицијата може да ги најде и фати крадците, а најмалку очекуваат украдениот велосипед да им биде вратен.

– Возам велосипед стар 20 години. Добро го одржувам и чувам, така што со него сум и зиме и лете. Среќна сум што воопшто не е атрактивен за крадците, бидејќи никој не би имал интерес да го украде ако не може да заработи од него. Мојот велосипед е убав за мене, бидејќи го возам од дете, но не верувам дека некој би се затрчал да го купи, па затоа и никој не се ни труди да го украде – вели Елена од Капиштец.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека полицијата постапува по сите поднесени пријави од страна на граѓаните.
– На почетокот на месецов, во организирана полициска акција, беа откриени 26 украдени велосипеди, сите од подрачјето на главниот град. Во акцијата, три лица беа приведени и кривично пријавени за сторените кривични дела – информираат од МВР.

Оттаму додаваат дека, според статистиката, нема значително зголемување на бројот на овој вид имотни деликти во споредба со истиот период лани.
– Генерално, поради состојбите со ковид-19, сите облици на криминал, вклучувајќи ги и кривичните дела „тешка кражба“ и „кражба“, се во многу помал обем отколку истиот период минатата година – велат оттаму.
Полицијата, преку низа превентивно-информативни активности, со години ги предупредува и едуцира граѓаните на внимание од можноста за имотни деликти во периодот на годишните одмори и посоодветна заштита на материјалните добра.

[email protected]