Криминална мрежа договарала лажни бракови за да добијат мигрантите престој во земјите на Европската Унија

Криминалците бараат жени, главно од Романија, на кои им нудат пари за да склучат брак со мигрантите и да глумат дека се сопружници за да обезбедат престој во Европската Унија. Организираниот криминал на големо профитира од масовната миграција. Во 2015 година, заработката од мигрантите била проценета помеѓу три и шест милијарди евра

ЕВРОПОЛ РАЗБИВА КРИМИНАЛНИ ГРУПИ ШТО РАБОТАТ СО ИЛЕГАЛНА МИГРАЦИЈА

Шпанската национална полиција уапси дванаесетмина осомничени членови на организирана мрежа за договорени лажни бракови. Нивните членови посредувале во земји во Европската Унија, договарајќи партнери помеѓу индиски и пакистански мигранти и лица од Романија.
Во операцијата на Европол, шпанските истражители реализирале десетина рации во неколку станбени и деловни објекти, откривајќи повеќе од десет илјади евра во кеш, заедно со докази дека приведените биле инволвирани во мрежа за илегална миграција и измама со документи.
Криминалната мрежа оркестрирала најмалку педесетина договорени бракови, кои биле со намера да им обезбедат на мигранти дозвола за престој, наплатувајќи им по 20 илјади евра од мигрант за услугата. Профитот од овој бизнис се проценува на еден милион евра. Криминалците работеле така што на мигрантите што престојувале нелегално во Европската Унија им нуделе помош за да добијат престој или, пак, на мигрантите надвор од ЕУ им нуделе да бидат нелегално внесени во границите на Унијата, па потоа да им организираат легални документи за престој.

Откако ќе се договореле, криминалците почнувале да бараат жени, главно од Романија, на кои им нуделе пари за да склучат брак со мигрантите и да глумат дека се сопружници за да обезбедат престој во Европската Унија.
Мигрантите што се согласиле и платиле за користење на услугите или останувале да престојуваат нелегално во Шпанија или, пак, заминувале во друга европска земја чекајќи да добијат дозвола за легален престој и движење во земјите на Унијата. Инволвираните жени се враќале набргу во своите домови, откако ќе го склучеле бракот.
Прекугранична криминална истрага била реализирана и во февруари годинава, кога под истрага биле лица од Индија што се сомничеле дека склучувале лажни бракови.
Во таа акција, 175 полициски службеници во Германија реализираа 28 истраги на приватни и комерцијални објекти. Уапсен беше 44-годишен Индиец, со германско државјанство, кој, според истрагата, уште во 2018 година работел на лажни бракови помеѓу лица од Индија и лица од Романија.

Една година претходно, ваква акција била реализирана и во Грција, каде што полицијата разбила криминална мрежа инволвирана во масовна продукција и дистрибуција на фалсификувани документи. Во акцијата четири лица биле уапсени.
Уште во 2010 година, Европската Унија воспостави четиригодишен план на политики за да обезбеди поголем континуитет во борбата против сериозниот меѓународен и организиран криминал. Во март 2017 година, Советот на ЕУ одлучи да го продолжи циклусот на 2018-2021 година. Овој повеќегодишен циклус политики има цел да ги реши најсериозните закани од организираниот меѓународен криминал во ЕУ. Сево ова се постигнува со соработка помеѓу релевантните институции на Европската Унија вклучувајќи и агенции, но и земји што не се во Унијата.
Откако е започнато масовното доаѓање на мигрантите во Европа, криминалците најдоа голем број начини за заработка, користејќи ја потребата на мигрантите за обезбедување стабилен живот и легален престој во Европа.

Во 2014 година, бројот на мигрантите што влегоа во Европа достигна повеќе од еден милион. Европол верува дека бројката секоја година е сѐ поголема.
Со порастот на бројот на мигрантите се зголеми и полето на дејствување на криминалците, кои почнаа да градат криминални мрежи што се занимаваат со нивно шверцување. Повеќе од 90 проценти од мигрантите што лутаат низ Европа користеле услуги од криминалните организации. Тие ги користат очајот и ранливоста на мигрантите, кои на секој можен начин се обидуваат да избегнат конфликт или прогон. Криминалците им нудат транспорт, сместување и лажни документи претежно за високи суми. Честопати мигрантите се принудени за услугите да плаќаат и со работа.
Организираниот криминал на големо профитира од масовната миграција. Во 2015 година, заработката на криминалните организации од мигрантите била проценета помеѓу три и шест милијарди евра. Со ваквиот прилив на средства, се зајакнува функционирањето на криминалите организации, кои, пак, имаат огромно влијание врз европската економија.

[email protected]