Преслушани 122 „бомби“ на денешното рочиште за предметот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство во кое се обвинети повеќе поранешни функционери за изборите во 2013 година. Судењето продолжува на 12 септември.
За предметот „Титаник“ досега преслушани се вкупно 243 „бомби“, додека за случајот СЈО има предложено 1.063 „бомби“, 191 сведок и 5.910 материјални докази.
На денешните „бомби“ се слушаше како поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески дава насоки за материјали и гласање на поранешниот директор на МЖ Транспорт и актуелен претседател на ДИК Оливер Дерковски, потоа разговори во кои Јанакиески на полициски командир во Радовиш му дава насоки за комуникација со граѓаните од врата до врата, и разговори во кои Јанакиески му кажува на градоначалникот на Валандово да му забрани на некој професор по физичко воспитување до изборите да оди на работа за да може да оди од врата на врата околу изборната кампања за изборите во 2013 година.
Во една од бомбите поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска му се жали на поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески дека луѓе има, ама нема бензин и дека поради трошоците за изборите имале само по 20 литри на станица.
Адвокатите на одбраната и Миле Јанакиески на два пати побараа од судот да нотира одредени работи за слушнатите разговори, како недоследности во однос на часот и времето на наводно водените разговори, како и за случај на ист разговор снимен меѓу двајца исти луѓе, а предложен два пати со различно време.
Судијата Осман Шабани, на тоа им посочи дека ќе можат за се на долго и широко да објаснат откако ќе заврши со овој дел од постапката.
– Секако дека ќе можете да посочите одредени моменти. Ќе можете тоа и усно и на писмено, како ќе сакате – рече Шабани.
Во „Титаник“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.