Платформата за родова еднаквост упати барања до Јавното обвинителство и Советот на јавни обвинители за конечно разрешување на случајот „Јавна соба“ и доследно пружање заштита на жените жртви на насилство.
Бараат обвинителството и Советот итно да испорачаат конкретни резултати по нивните барања со рок до 8 март, кои ќе покажат дека конечно овие институции преземаат мерки.
Според нив, ниту една мерка за спречување и заштита од насилство нема да го има посакуваниот ефект, доколку сторителите избегнуваат кривична одговорност за делото.
– Иако „Јавна соба“ е случај кој го привлече вниманието на целата јавност, сепак, по една година случајот сè уште нема завршница, а сторителите се гонат само за кривичното дело. На ваков начин, се праќа порака дека насилството врз жените не е казниво, насилниците се охрабруваат да продолжат со своето однесување, а жртвите остануваат заплашени, засрамени и неми – изјави Јана Коцевска.
За овие состојби здруженијата побараа одговорност и од Советот на јавни обвинители, кој според нив недоволно ги користи своите надлежности за контрола над работата на јавните обвинители кои непрофесионално и ненавремено ја извршуваат својата функција во однос на кривичните постапки за насилство.
Здруженијата побараа и поголема ефикасност и посветеност и од страна на специјализираното одделение за гонење кривични дела извршени од лица со полициски овластувања бидејќи низ годините, се сретнале и со полициски службеници кои самите се сторители на насилство.