Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кривичниот законик според кој се санкционираат граѓаните што не носат заштитни маски, чии угостителски објекти работат по дозволеното време и кои, и покрај изреченото решение за изолација, сепак излегуваат од своите домови добиваат казни поради непочитувањето на членовите 205 и 206

ГРАЃАНИТЕ ПОЧНАА ДА ГО ИГНОРИРААТ ПОСТОЕЊЕТО НА ВИРУСОТ

Се чини дека непочитувањето на законските прописи и на владините препораки е последното нешто што го прават граѓаните на оваа држава. И покрај многубројните препораки за придржување до обврската да се носат заштитни маски, за што се изрекуваат и парични казни, ограниченото работно време на угостителските објекти, но и забраната за правење семејни прослави со голем број гости, граѓаните сето тоа го игнорираат и продолжуваат да се однесуваат онака како што сакаат.
Безгрижното однесување на несовесните граѓани придонесува за ширење на смртоносниот вирус, особено загрозувајќи ги оние што имаат најкревко здравје, но и непотребно оптоварувајќи ги здравствениот систем и здравствените работници, кои, за волја на вистината, веќе една година откако беше евидентиран првиот заболен од коронавирусот, постојано се во првите борбени редови, работејќи деноноќно за да го заштитат здравјето на граѓаните.

УГОСТИТЕЛСКИ ОБЈЕКТИ РАБОТАТ СО ПОЛНА ПАРЕА

Секојдневните билтени што ги објавува Министерството за внатрешни работи никако не може да поминат без барем една информација поврзана со затворање на еден угостителски објект во земјава што работел по дозволеното време, односно по 21 часот.
Само за една недела се затворени неколку угостителски објекти лоцирани во северозападниот дел на земјава.
Во селото Беловиште, во непосредна близина на Гостивар, на крајот од февруари беше затворен еден угостителски објект во сопственост на педесетгодишен гостиварец. При контролата од страна на МВР, во објектот биле затекнати седум лица, заедно со сопственикот. Сопственикот бил лишен од слобода и приведен во полициска станица, а против него била поднесена кривична пријава по членот 206 од Кривичниот законик за непостапување според здравствените прописи за време на пандемија.
Истиот ден, во гостиварското село Вруток, бил затворен угостителски објект што работел по законски дозволеното работно време, а дополнително внатре биле затекнати 13 лица, заедно со сопственикот. И овој сопственик бил приведен и против него ќе биде поднесена кривична пријава поради непостапување според здравствените прописи за време на пандемија.
На почетокот на месецов, полициски службеници извршиле контрола во тетовското село Желино, во објект во сопственост на З.С. (48). Во овој објект, освен сопственикот, биле затекнати гости, но и странски државјани што ги забавувале гостите.

– Објектот бил затворен, а З.С. бил лишен од слобода и по целосното документирање на случајот, против него ќе биде поднесена пријава по членот 206 од Кривичниот законик за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија. Во полициска станица биле приведени и шест албански државјанки по членот 418 од Кривичниот законик и поради злоупотреба на туристичкиот престој. По целосното документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава – информираа од МВР.

ПО СВАДБА ТАПАНИ

За граѓаните не е доволно тоа што секојдневно се поднесуваат кривични пријави за оние што не го почитуваат законот, што се однесува до (не)почитувањето на здравствените прописи за време на епидемија, па неодамна во Струмичко беше прекината свадбена прослава со дури 300 гости.
– На 28.2.2021, по претходна пријава, полициски службеници од СВР-Струмица извршиле контрола во селото Банско, Струмичко, при што било констатирано дека Д.И. (57) и А.И. (54) од селото Банско организирале свадбена веселба за нивниот син Е.И. (26), на која присуствувале околу 300 гости, со што постапиле спротивно на членот 206 од Кривичниот законик – информираа од МВР.
Свадбата била прекината, а по целосното документирање на случајот, ќе биде поднесена кривична пријава по членот 206 од Кривичниот законик за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија. За настанот бил известен јавен обвинител.
Сепак, тука е и крајното непочитување на законската обврска за носење заштитна маска, за која секојдневно повеќе од 200 лица добиваат казни. На месечно ниво, бројката достигнува и над илјада, па и повеќе санкционирани лица.
За некои од граѓаните ова е мизерно и недозволиво однесување.
– Од она што успеав да го забележам досега при затворањето на угостителските објекти, сопственици се лица постари од 40, па и 50 години. Значи, станува збор за зрели, возрасни личности, кои свесно го кршат законот и загрозуваат туѓи животи. Да станува збор за 20 или 30-годишни лица, ќе речев дека се млади и уште зелени, меѓутоа ова што се случува е страшно, особено затоа што бројката на починати на возраст над 50 години не е за занемарување – вели Михајло Доневски.

ШТО ВЕЛИ ЗАКОНОТ

Со Кривичниот законик, поради непочитувањето на членовите 205 и 206, се санкционираат граѓаните што не носат заштитни маски, чии угостителски објекти работат по дозволеното време, но и кои и покрај изреченото решение за изолација сепак излегуваат од своите домови.
Членот 205 од Кривичниот законик е насловен „Пренесување заразна болест.“
– (1) Тој што со кршење прописи или наредби со кои надлежен орган определува прегледи, дезинфекција, издвојување на болни или некои други мерки за сузбивање или спречување заразни болести кај луѓето или со вработување или држење лице што боледува од заразна болест со вршење полово дејство или на друг начин предизвика пренесување заразна болест, ќе се казни со парична казна или со затвор до три годинa. (2) Со казната од став 1 ќе се казни и тој што не постапува според прописите или наредбите од став 1 во поглед на сузбивањето или спречувањето на заразните болести кај животни што можат да се пренесат на луѓето и со тоа предизвикува пренесување на заразна болест. (3) Ако како последица од делото од став 1 е пренесена неизлечива заразна болест, сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години. (4) Обидот за делото од став 1 на овој член за пренесување неизлечива заразна болест е казнив. (5) Тој што ќе ја загрози сигурноста на друг со лажна закана за пренесување или со ширење невистинити тврдења за постоење на неизлечива заразна болест, ќе се казни со парична казна или затвор до шест месеца. (6) Тој што делото од ставовите 1 и 2 ќе го стори од небрежност, ќе се казни со парична казна или со затвор до шест месеци. (7) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна – наведено е во членот 205.
Членот 206, пак, е насловен „Непостапување според здравствени прописи за време на пандемија“.

(1) Тој што за време на епидемија на некоја опасна заразна болест не постапи според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за нејзиното сузбивање или спречување, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година. (2) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.