Познатите траси за шверцување дрога и за нелегалната миграција се користат и за нелегално пренесување кожи од тигри од Далечниот Исток, егзотични птици од Јужна Америка, желки од Северна Африка…
ПОРАДИ ЕКСТРЕМНО ВИСОКАТА ЗАРАБОТКА
Екстремно високата заработка што ја овозможува шверцот со загрозените животински видови е главната причина за постоењето на црниот пазар од овој вид. Овој пазар не е нов, тој е познат уште одамна, но сега сѐ позасилени стануваат контролите од соодветните органи. Според анализите на Европол, заработката од овој нелегален бизнис се проценува на околу една милијарда долари на годишно ниво. Ретките примероци најчесто се бараат од богати поединци, кои плаќаат големи суми за да ја збогатат својата колекција. Но тие не се продаваат секогаш поради нечии каприциозни желби. На пазарот тие се бараат и поради нивна употреба во традиционалната медицина, односно делови од некои животни се препорачуваат како лек за одредени болести, а на други им се припишува силно афродизијачко дејство.
СЕ ШВЕРЦУВААТ ЖИВОТНИ ИСТО КАКО И ДРОГА
Познатите траси за шверцување дрога и за нелегалната миграција се користат и за нелегално пренесување кожи од тигри од Далечниот Исток, егзотични птици од Јужна Америка, желки од Северна Африка и сето тоа со помош на фалсификувана и лажна документација. Се шверцуваат ретки животни, корали и вредни билки. Европа е клучниот пазар за криминалните групи. На пазарот има голема побарувачка за егзотични птици и папагали, пајаци и крокодили, кои најчесто се земаат од Централна и од Јужна Америка. Разликата меѓу куповната и продажната цена е драстична. На пример, папагалот од видот „ара макао“, во Бразил може да се купи по цена од десет евра, на европскиот пазар тој достигнува цена од 1.500 евра.
Животните најчесто се шверцуваат уште како јајца или штотуку родени, од шверцери што ги пренесуваат преку интернационалните аеродроми низ Европската Унија. Во некои случаи, тие се шверцуваат и со бродови што пловат кон пристаништата во Југозападна Европа, Франција, Шпанија, Италија… За жал, според некои процени, дури 90 проценти од животинските видови не ги преживуваат транспортот и затворањето во несоодветни кафези и кутии. Глобалните и регионалните операции, кои ги спроведуваат Европол и Интерпол, досега доведоа до стотици апсења во најпознатата акција наречена „Рампа“, во која учествуваа 51 држава. При изведувањето на акцијата се откриени стотици животински видови и производи вредни повеќе од 25 милиони евра.
НАЈГОЛЕМА АКЦИЈА ИМАЛО ЛАНИ
Уште во 2015 година, Европол ја поддржа акцијата „Кобра 3“, која всушност е и најголемата спроведена акција во откривањето загрозени животински видови и делови од нив. Во оваа операција беа откриени повеќе од 12 тони слонова коска и најмалку 119 рога од носорози. Во акцијата исто така беа пронајдени 11.439 живи, но и мртви видови и повеќе од две илјади делови од животни и од билки.
Минатата година била спроведена една глобална акција во која биле пронајдени и уапсени 12 лица во Европската Унија. Во оваа акција биле откриени дури 200 осомничени за нелегална продажба и транспорт на заштитени и ретки животински видови.
Во операцијата „Снежна бура“, која се одвивала во период од нешто повеќе од еден месец, беше откриена криминална мрежа што тргувала со рептили. Операцијата на Интерпол и на Европол откри животни и модни додатоци. Сите животни и производи биле откриени кај патници во авиони, во поштенски пратки, продавници за миленици и кај оние што имале дозвола да чуваат рептили. Во оваа акција биле спасени 1.500 змии и гуштери во Европа. Уапсени биле дванаесет лица, шест во Италија и шест во Шпанија.
На глобално ниво оваа операција резултирала со спасување и откривање на 4.419 живи животни, вклучувајќи 2.703 желки, 1.059 змии, 512 гуштери, 20 крокодили и алигатори. Исто така, откриени биле 152 рачни чанти, паричници и лекови изработени од животни.
По оваа акција, која важи за една од најголемите спроведени во Европа, се реализирани уште неколку помали акции годинава. Во едната, од шпанската и португалската полиција, беа пронајдени 355 парчиња слонова коска. Во другата акција беа уапсени 108 шверцери на повеќе од два тони стаклеста јагула.