На денешната владина седница е донесена одлука да се формира работна група составена од заменик министерот за култура, Владимир Лазовски, државниот секретар во министерството за култура, Валмир Азири и директорката на Македонски народен театар, Симона Угриновска.
Владата ја задолжи работната група, да достави извештај до Претседателот на Владата, Зоран Заев, за начинот на кој е одобрена и спроведена организацијата на настанот Прослава на 30-годишнината од постоењето на навивачката група „шверцери“ во Националната Установа Македонски народен театар, во кој треба да биде содржана и детална информација за евентуалната штета на инвентарот.
Оваа одлука следи по настанот во МНТ, кога навивачката група „шверцери“ минатиот петок вечерта, го прослави својот 30-годишен јубилеј, при што проследи документарен филм снимен по овој повод. За време на прославата, навивачите скокаа по инвертарот и направија материјална штета врз истиот. Од одговорност за настанот се оградија Министерство за култура, Влада, МНТ и сите институции во земјата.