Судот им определи 30-дневен притвор на двајцата царински службеници што беа приведени пред два дена на граничниот премин Табановце за примање поткуп, соопшти Основното јавно обвинителство Куманово.
Тие се осомничени дека во неделата во 2.50 часот побарале и примиле пари од возач, а за возврат не му го провериле возилото и му дозволиле влез во државата.
Според информациите на Обвинителството, тие зеле 70 евра од возач на „фиат дукато“ со германски регистарски ознаки и му дозволиле непречен влез во државата, без да извршат редовна царинска контрола и проверка на стоката што ја носел.
При претрес во службените простории биле пронајдени и други парични средства, кои се предмет на истрагата.