Полицијата поднесе прекршочна пријава против еко-активисти кои испишувале графити на Министерството за економија. Од движењето „Петоци за иднината Скопје“ велат дека нивната акција имала цел да ја крене свеста за загадувањето и климатските промени, но наместо тоа се соочиле со нечовечки пристап кој, како што велат, само ја потврдува вистинитоста на пораката што сакале да ја пренесат.
Според информациите на МВР, вчера во 17.10 часот на улица „Филип Втори Македонски“ во Скопје поточно пред Министерство за екологија, Е.Д. (26) од Неготино,С.Ц. (22) од Битола, И.Б. (34) од Скопје, Ј.Н. (19) од Скопје, како и една 16-годишна малолетничка од Скопје го нарушиле јавниот ред и мир со испишување на графити во вид на дланки од раце на прозорците на Министерството и натпис на плочникот пред прозорците со цел покренување акција за еколошка свест.
Еко-активистите се дел од движењето „Петоци за иднината Скопје“. Од таму реагираат дека обезбедувањето на Министерството создало непотребна тензија околу обичен креативен перформанс.
„При реализирање на нашата протестна акција, обезбедувањето на Министерството за животна средина донесе арбитрарна одлука да нѐ задржи и да повика полиција, создавајќи непотребна тензија околу обичен креативен перформанс. Нашата акција имаше цел да ја крене свеста за загадувањето и климатските промени не само кај јавноста туку и внатре во институцијата за животна средина. Наместо тоа се соочивме со нечовечки пристап кој само ја потврдува вистинитоста на пораката што сакавме да ја пренесеме. Поради една безопасна герила акција која укажуваше на индолентноста на властите околу проблемот со животната средина, нашите активисти беа предмет на вознемирување, заплашување и испрашување како да извршиле терористички, а не симболичен акт во интерес на општото добро“, велат од еколошкото движење „Петоци за иднината Скопје“.