Десет од педесетина амандмани успеаа да усогласат пратениците во текот на речиси целиот ден. Комисијата ефективно заседаваше само 15-тина минути на која експресно поминаа десетте амандмани, кои во најголем дел се однесуваа на технички прашања како преименување на обвинителството и одлука за буџетот со кој ќе располага.
-ВМРО-ДПМНЕ вкупно предложи 14 амандмани од кои 4 беа прифатени иако истите не се дел од суштинските теми. Во следните денови ќе продолжат преговорите меѓу власта и опозицијата – рече Милошоски.
Тој кажа дека дел од амандманите на ВМРО-ДПМНЕ се изборот на обвинителот на новото обвинителство да биде на предлог на опозицијата, како и принципот на хиерархирја и субординација – предметите на СЈО во судска постапка да одат кај државниот обвинител и потоа тој да ги распредели во обвинителството за организиран криминал, како и изборот на обвинителот да не биде само од редот на обвинители, туку да може да конкурираат и професори.
За овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ, од СДСМ велат дека мешањето на политиката ќе влијае врз независноста на обвинителскиот систем, но ќе почекаат да ги слушнат аргументите за сите амандмани.
-Усогласени се десет амандмани. Важно е дека е откочен процесот, се надеваме конструктивно да продолжиме – рече Снежана Калевска Ванчева.
Вкупно биле доставени 54 амандмани за законот за обвинителството од кои 3 се повлечени. Шеснаесет амандмани партиите доставиле на законот за Советот на обвинители.