Првостепената пресуда на Кривичнот суд од Скопје за случајот „Насилство во Општина Центар”, денес беше потврдена од Апелацискиот суд Скопје. Во споменатиот случај, првообвинетиот, поранешен премиер Никола Груевски, беше осуден на една година и шест месеци затвор, а останатите обвинети беа осудени на условни казни.
– Второстепениот суд постапувајќи по жалбите од обвинетите и нивните бранители, изјавени против првостепената пресуда – К. Бр. 1904/16, од обвинителството означен како „Насилство во О. Центар“, од 29.09.2020 година, ги одбил жалбите како неосновани, а пресудата на Кривичниот суд се потврдува. Со пресудата седум обвинети беа огласени за виновни и осудени на: Н.Г. – затворска казна во траење од 1 година и 6 месеци, додека М.Ј., А.Т., Д.С., Д.Т., Т.П. и И.Б. на алтернативна мерка, условна осуда – соопштија од Основниот кривичен суд Скопје.
Апелацискиот суд го врати предметот „Тарифа” на повторно судење. Во „Тарифа“ обвинети се поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и уште други две лица за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“.