Полициско возило и такси учествувале во тешка сообраќајна несреќа која се случила ноќеска на крстосницата на „Рузвелтова“ со „Орце Николов“ во Скопје, објавија повеќе медиуми.
Полициското возило веднаш по незгодата се превртело, додека кај такси возилото е предизвикана материјална штета. Превртеното полициско возило до утринава се наоѓало на местото на несреќата, пред да биде кренато од пајак-службата.
Според информациите на МВР, во 3.37 часот во Скопје на крстосницата од улица „Франклин Рузвелт“ со улица „Орце Николов“, се случила сообраќајна незгода помеѓу „шкода јети“ сопственост на МВР, а управувано од К.Н. и „мицибуши спејстар“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.А.(41) од Скопје.
Со повреди се здобиле тројца полицајци од возилото „шкода јети“, по што им била укажана помош во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Скопје.