Постои можност пожарот на Галичица да се спушти кон пониските делови на планината и да ја загрози високата шума од страната на Преспанското и Охридското езеро, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
„Пожарот кој во текот на денешниот ден се појави на сртот на планината Галичица, а кој се уште гори во граничниот појас на територијата на Албанија со голема веројатност во текот на ноќта може да навлезе и на наша територија“, соопштија попладнево од ЦУК.
Според нив, карактеристично за овој пожар е силната експлозија што се слушнала попладнево, а за која се претпоставува дека е предизвикана од активирање на огнот, експлозивна направа, мина или друг вид експлозивно средство, остаток од борбите што се воделе на ова подрачје во Балканските или Првата светска војна.
Од Главниот штаб за управување со кризи велат дека дополнително ќе одлучат на кој начин ќе се гасне овој пожар, ставајќи ја на прво место безбедноста на екипажот на хеликоптерите и безбедноста на луѓето кои ќе учествуваат во гаснењето на пожарот од земја.
Врвот Магаро и неговата околина во моментов не се безбедни за искачување, велат од ЦУК.