Жителите на Ѓорче Петров и вечерва протестираа пред ОУ „Мирче Ацев“ и ја блокираа улицата Борис Сарафов каде што вчера беше прегазено 10-годишно дете.
Градоначалникот на Ѓорче Петров Александар Наумоски најави дека на критичното место ќе биде поставен семафор.
Протестантите сметаат дека еден семафор нема да биде доволен и бараат да се постават лежечки полицајци, особено за безбедноста на учениците од ОУ „Мирче Ацев“ каде што има пешачки премин, но често поради брзо возење пешаците не се почитуваат.
Граѓаните велат залудно апелирале да се постават семафори уште кога улицата се проширувала. Револтирани се зашто не се презело ништо и често има сообраќајни незгоди, а две тешки се случија за само две недели.
Покрај од Општината, и од МВР бараат да преземе мерки за несовесните возачи кои на оваа, како и на главната општинска улица „Ѓорче Петров“, возат и до 160 км на час.