Случајот „Рекет“ дискредитираше голем дел од нашите напори и надежи за справување со криминалот и високата корупција. Лично, не очекував дека носители на толку важни и одговорни функции толку ќе потфрлат во даден момент. Овој случај останува да биде лакмус за правната држава, а со тоа и тест за отпорноста од политички влијанија на клучните институции, рече претседателот, Стево Пендаровски, на Регионалниот форум за добро владеење и борба против корупцијата.
Според претседателот, довербата на граѓаните во судскиот систем е во постојана надолна линија. Речиси нема човек во нашата држава, додаде тој, што не минал низ судските лавиринти и што не поседува лошо искуство барајќи ја правдата.
– Говориме за неселективно и независно судство, коешто професионално, правично и непристрасно ќе ги спроведува законите. Од друга страна, речиси секојдневно имаме судски случаи кои предизвикуваат сомнежи, дали во нашата држава правото важи еднакво за сите или можеби правото е сведено на политички инструмент, а правдата сè уште се повлекува пред моќта на моќните – рече Пендаровски.
Според него, во изминатите 10-15 години во нашата држава високата корупција прераснала во една од најголемите безбедносни закани за иднината на земјата.
Пендаровски нагласи дека искрената борба за правна држава подразбира да се истражуваат криминалите на претходната, но и криминалите на актуелната власт и секој кој се огрешил од законот, да добие соодветна казна. Истовремено, додаде тој, многу е значајно да не се дозволи преку намерно застарување на предметите да се случи т.н. „скриена амнестија“ на сторителите на дела поврзани со високата корупција.