Сопственик на локал во Тетово, осуденик од Идризово и 18 странски државјанки се приведени при контрола на полицијата.
Полицијата притигнала во угостителскиот објект на патот кон селото Сараќино, вчера околу 1 часот по полноќ, по пријава дека локалот работи над дозволеното време, што е спротивно на Одлуката на Владата за спречување на пандемијата.
„При контролата било констатирано дека објектот е отворен и во него биле затекнати 7 гости, тројца вработени и 20 женски лица, од кои 18 странски државјанки од Русија, Србија, Украина и Албанија, кои го злоупотребиле туристичкиот престој“, наведуваат од полицијата.
Странските државјанки се приведени во полициска станица за понатамошна постапка, а сопственикот А.М. е лишен од слобода и против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
При контролата е приведен и Б.Х.(25) од Скопје, кој издржува казна затвор во времетраење од 8 години и 6 месеци, а не се придржувал спрема решението за одмор во кругот на семејството издадено од затворот. Тој ќе биде спроведен во затворот Идризово.