Воспоставивме директни контакти со властите на Бугарија, во МНР се активираше работна група во врска со справувањето со последиците од оваа трагедија. Во текот на денот овозможивме измена на ковид-протоколите со што членовите на семејствата што имаа потреба да патуваат до Софија ја имаа можноста да отидат без ковид-протоколите. Беа контактирани сите семејства на загинатите за детално информирање, исто така и семејствата на повредените, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи.
– Дадов насока да се пратат двајца искусни дипломати во Софија со што се зголемува човечкиот капацитет на нашата амбасада во Софија со цел да се помогне во идентификација на жртвите од трагедијата. Утре продолжуваме со сите активности. Правосудните институции се веќе во контакт за извршување идентификација на телата. Што и да направиме денес не можеме да ја надоместиме загубата ниту да ја покриеме тагата. Цели фамилии од денес веќе не се со нас. Ние како МНР ќе им обезбедиме на семејствата достоинство со цел прво да ги добијат вистинските и прецизни информации и префрлување на телата во Скопје – рече Османи.