Фото: Маја Јаневска-Илиева

Како што често се случува со ваквиот вид измами, сѐ е замислено и направено за да изгледа нормално,вообичаено, легално и легитимно. На инвестициските профили има фотографии, имињата на домените се доста слични на вистинските интернет-страници, а агентите за услуги на клиенти се преправаат дека им помагаат на луѓето (всушност жртвите) за да ги изберат вистинските производи, предупредува Интерпол

ИЗМАМНИЧКА ШЕМА ШТО ЈА КОРИСТИ ОСАМЕНОСТА НА ЛУЃЕТО

Самотијата понекогаш ги тера луѓето да се однесуваат емотивно, неразумно, непромислено и да прават голем број невообичаени грешки. Потрагата за животен партнер, потрагата за сродна душа воопшто не е едноставна работа, особено кога лицата се во оние т.н. „критични“ години кога од општеството се категоризираат како стари или постари лица на кои времето за удомување и формирање семејство им поминало.
Криминалните организации успеаја и на ова поле да обезбедат начини за нелегална заработка, за сопствена корист и интерес. Тие ја користат ранливоста на оваа категорија граѓани и успешно ги манипулираат.

ВИОЛЕТОВО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ОД ИНТЕРПОЛ

Интерпол издаде виолетово предупредување до своите 194 земји-членки, истакнувајќи го специфичниот режим на функционирање на онлајн апликациите за запознавање. Криминалните групи претставуваат закана за ранливата категорија граѓани што ги користат овие онлајн апликации за да се запознаат со потенцијални партнери, привлекувајќи ги во софистицирана измамничка шема.
Кога криминалците ќе пристапат кон оваа апликација, бараат потенцијални жртви што ќе ги искористат. На почетокот тие воспоставуваат вештачка или лажна романса со одредено лице што е дел од мрежата за онлајн средби. Тие се запознаваат и почнуваат редовно да комуницираат.
Кога комуникацијата е воспоставена и редовна, криминалците ја добиваат довербата на спротивната страна и почнуваат да го реализираат својот план. Со потенцијалните жртви тие споделуваат идеи и совети за инвестирање и ги охрабруваат да се приклучат на одредени шеми и да вложат финансиски средства.
Жртвите што веќе биле убедени од страна на криминалците да инвестираат, од интернет симнуваат апликација за тргување и отвораат сметка, од каде што купуваат разни финансиски производи и навлегуваат во инвестициски синџир под будното око на нивниот онлајн пријател во кој веќе стекнале доверба. Криминалците всушност ги убедуваат своите жртви дека можат да добијат златен или ВИП-статус во инвестициската мрежа.
– Како што често се случува со ваквиот вид измами, сѐ е направено за да изгледа дека е легално и легитимно. На инвестициските профили има фотографии, имињата на домените се доста слични на вистинските интернет-страници, а агентите за услуги на клиенти се преправаат дека им помагаат на жртвите да ги изберат вистинските производи – наведено е од страна на Интерпол.
Сепак, по подолго искористување на жртвите, сите контакти запираат и жртвите се исклучени од мрежата. Остануваат повредени, збунети и загрижени поради фактот што повеќе нема да ги повратат назад своите финансиски средства.

СЛУЧАИ ЗАБЕЛЕЖАНИ ВО НЕКОЛКУ ДРЖАВИ

Одделот за финансиски криминал на Интерпол веќе има евидентирано и забележано неколку вакви случаи низ светот, па поради тоа властите ги предупредуваат корисниците на овие апликации да бидат претпазливи, скептични и да не веруваат кога некој ќе им понуди да се приклучат кон ваква инвестициска мрежа.
Овој тренд, според надлежните од Интерпол, особено почна да зема замав откако пандемијата на ковид-19 го зафати целиот свет. Криминалците го користат фактот што луѓето, поради препорачаната самоизолација, сѐ повеќе ги користат овие апликации за запознавање заради социјализација и онлајн дружење.
– Корисниците секогаш да бидат претпазливи кога некој им пишува, а не го познаваат, особено доколку темата на разговор води кон побарување одредени финансиски средства. Потребно е корисниците да бидат скептични.

Онлајн инвестициите ветуваат многу пари и брз поврат и удвојување на средствата, но сепак тие ветувања се премногу добри за да бидат вистинити. Никогаш не треба да се префрлаат пари, колку безбедно и да изгледа тоа, најверојатно станува збор за измама. Интернетот да се користи за истражување. Податоците што ги добиваат жртвите лесно можат да се проверат на интернет – велат од Интерпол.
Сепак, доколку некој стане дел од овој синџир, лесно може да се заштити.
– Многумина мислат дека ништо не може да се направи доколку жртвата веќе ги префрлила парите на друга сметка. Прво што треба да се направи, е жртвата да контактира со својата банка, да ја информира за трансакцијата и дека е дел од измамничка шема. Веднаш да побара поништување на трансакцијата – вели Томонобу Каја, координатор за финансиски криминал во Интерпол.

[email protected]