Техничкиот премиер Оливер Спасовски денеска треба да се појави во Основниот кривичен суд во Скопје како сведок во предметот за „организаторите на 27 април“.Спасовски е повикан да сведочи за настаните од Собранието на 27 април 2017 кога тој беше пратеник. Покрај премиерот, за денешното рочиште е планиран уште еден сведок.
Обвинети во овој случај се тогашниот претседател на законодавниот дом Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски. Тие седат на обвинителна клупа за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Во истрагата за овој предмет беа опфатени и бившиот премиер Никола Груевски и поранешниот разузнавач од УБК, Никола Бошковски. Двајцата избегаа од државата, Груевски во Унгарија, а Бошковски во Грција, па кога обвинителката Вилма Русковска го поднесе обвинителниот акт, тие не беа на листата обвинети и беше соопштено дека постапката за нив ќе продолжи кога тие ќе бидат достапни на органите.
Ова е второ сведочење на Спасовски, кој беше повикан во судот како сведок за најмасовниот предмет поврзан со „крвавиот четврток“ во кој имаше 33 обвинети, од кои 15 добија амнестија.